
Специјален прашалник за Ковид-19 за сите патници кои го користат бродскиот превоз во Грција
На седум прашања поврзани со Ковид-19, ќе треба писмено да одговорат сите патници кои во Грција користат бродска линија подолга од половина час.
Во рамките на упатствата за превенција и спречување на ширењето на новиот коронавирус, Министерството за поморство и островска политика на Грција, воведе специјални прашалници кои патниците треба да ги пополнат и да ги достават при влегувањето во бродот или траектот.
Прашањата се однесуваат на изминатите 14 дена, а патниците ќе треба да одговорат дали имаат/имале ненадејни симптоми со температура, кашлање или отежнато дишење; дали имале близок контакт со лице заразено со Ковид-19; дали се грижеле за лице заразено со Ковид-19, дали посетиле или биле на мало растојание со лице заразено со корона вирусот; дали патувале (со било кое превозно средство) заедно со лице заразено со Ковид-19; дали живееле во ист дом со заразен и дали работеле на мало растојание или биле во иста средина со лице заразено со Ковид-19.