Трамп: СЗО е марионета на Кина

Засекогаш ќе го сопреме финансирањето ако СЗО не се реафирмира во рок од 30 дена, а Америка би можела и да го откаже членството во организацијата. Ова е новата закана од американскиот претседател, кој писмото на 4 страници го објави на Твитер.

Трамп го критикува директорот на СЗО, дека ги повториле погрешните чекори во реагирање на пандемијата и дека Организацијата мора да докаже целосна независност кон Кина, и да не биде нејзина марионета. Трамп пишува дека СЗО пропуштила да реагира уште во декември на необичните појави со воспаление на белите дробови во Вухан и дека ги игнорирала предупредувањата од Тајван за начинот на пренесување на вирусот, а членките на организацијата не ги добиле навремено препораките.

Но, Трамп постојано ја обвинува Кина дека го криела вирусот, а за тоа и помагала и СЗО. Кина пак ги негира обвинувањата на Трамп. Ултиматумот од американскиот претседател е нов притисок кон СЗО, од каде вчера дојде одлуката дека независна истрага за потеклото на вирусот ќе се спроведе во соодветен момент.

Претседателот кој се соочува со нови избори оваа година и самиот е критикуван од американската јавност за тоа како се справува со епидемијата дома. Америка има повеќе од 1,5 милион заразени со корона вирусот, и повеќе од 90.000 починати. Но, Трамп вчера објави дека како превентива веќе една недела го пие лекот против маларија, во случај да добие КОВИД 19.

Заедно со него пие и цинк, за полесно да ги преболи евентуалните симптоми. Лекот не му бил препорачан, но вели дека самиот го побарал од докторите во Белата Куќа. Американскиот претседател со недели пропагира дека хидрокси-хлорокин е потенцијалниот лек за КОВИД 19, иако за тоа докторите велат дека нема докази.

Во светот од коорна вирус се заболени речиси пет милиони луѓе, а починаа повеќе од 320 илјади. На прво место се уште е Америка, но се поголем број заболени бележат Русија и Бразил.

Теодора Цветковска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ