
Уривањето на стариот театар ја извади албанската опозиција на улица
Протести, меѓусебни обвинувања и приведени меѓу кои и сопругата на албанскиот претседател Илир Мета е епилогот од уривањето на стариот театар во Тирана за кој опозицијата бараше да биде прогласен за споменик на културата а власта одлучи да изгради нов модерен на неговото место.
Уривањето почна во четири часот, под закрила на ноќта кога неколку багери почнаа да го демолираат стариот театар и покрај противењето на тетарските работници, граѓани, граѓански здруженија и членови на опозицијата кои беа пред зградата. Ситуацијата ексалираше и полицијата приведе повеќе демонстранти меѓу кои новинари и Моника Криеманди сопругата на претседателот Мета, а користеше и солзавец.
Протестите продолжија и рано изутрина и добија на бројност поради повикот на опозицијата.
Претседателот Илир Мета претходно се обиде да го спречи рушењето доставувајќи до Уставниот суд барање за испитување на уставноста на одлуката на Владата со која Националниот театар е даден во сопственост на општина Тирана.
Тој по апсењето на неговата сопруга и уривањето на зградата на театарот на социјалната мрежа „Фејбук“ напиша станува збор за уставен, законски и морален криминал, за кој нема амнестија а насилство врз театарските уметници и новинарите е „црна дамка за мафијата на власт“.
Преку социјалната мрежа „Фејсбук“ се огласи и премиерот Еди Рама кој обвини дека исти луѓе протестираат против сите големи проекти и не сакаат развој на Тирана. Тој објави видео запис на кој се прижакани фотографии од протести против проекти на владата и сегашни фотографии, како изгледа детското игралиште, плоштадот Скендербег, новиот пазар, новиот стадион и изгледот на новиот театар.
Театрот кој ноќеска беше урнат е изграден во 1938 година на барање на албанското кралско семејство а е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте. Комплексот „Национален театар“ е на површина од 13 илјади квадратни метри каде покрај театарот има и библиотека, центар за преведувачи и истражувачкиот центар.
Новиот театар кој ќе има форма на вратоврска пеперутка, го проектира данскиот архитект Бјарк Ингелс и ќе се гради на парцела од 86.000 квадратни метри во центарот на Тирана, на плоштадот Скендербег, каде веќе се наоѓаат Националната опера и Националната уметничка галерија.
Огнен Чанчаревиќ