
Стив Бенон, екс-стратегот на Трамп е мозокот зад Кембриџ Аналитика
Кембриџ Аналитика и Фејсбук се повеќе стануваат дел од Рашагејт. 50 милиони украдени профили, потоа продадени на кампањата на Трамп, влијаеле на неговиот избор. Кембриџ Аналитика како еден вид на орвеловски „Голем брат“ во состојба да го контролира светот, како во серијата „Хаус оф Кардс“ каде претседателот на САД собира гласови манипулирајќи ги гласачите со една прецизна и персонализирана пропаганда благодарение на нелегален софтвер и алгоритми. Звучи како фиктивен трилер, но реалноста и овој пат ја победи фантазијата.
И не се само украдените профили на Фејсбук, за што Цукерберг знаел и ништо не направил. Истрагата на британскиот канал 4, открива како за влијание во изборната кампања на Трамп, Кембриџ Аналитика и нејзиниот шеф Александар Никс, огранизирале шпиунирање, уцени подмитување, лажни искази, испраќање на проститутки на клиентите, нешто што воглавно се снимало, а потоа се пласирано на социјалните мрежи.
„Правиме многу повеќе од тоа. Мислам, длабокото копање е интересно, но подеднакво ефективно е да се отиде и да се збори со функционерот, да им се понуди дил кој е толку добар да не ти се верува, и од се тоа да се сними видео. Тој вид на тактитка е многу ефикасна, веднаш добивате видео доказ за корупција, ја ставате на интернет“.
Арогантниот Никс се фали како влијае на изборите во целиот свет и додава дека украинските девојки биле многу убави и дека тој метод ептен функционирал.
„Можеме да испратиме женски околу куќата на кандидатот, имаме многу искуство со овие работи. Може да понесеме неколку Ураинки на одмор со нас, ме разбираш“.
„Многу се убави Украинките“.
„Многу се убави. Мислам дека тоа ептен пали“.
Но, работата не завршува тука, најновите информации се дека Кембриџ Аналитика работела под палката на Стив Бенон, поранешниот стратег на Трамп, сопственик на ултрадесничарскиот поратал Брајбарт Њуз, познат по политички завери, кој бил подржуван од донаторото милијардер Роберт Мерсер.
„Тоа беше како една совршена бура во која се имаше супер паметен и супер технички подготвен тип (Мерсер), и тип со навистина милитантна визија (Бенон) кој знаеше што сака и кој го туркаше милијардерот да истура река пари. И тука го имате Александар Никс, големиот галамџија од колеџот Етон, кој беше тука за да биде виден и да оди на скапи вечери“.
Според Крис Валји, кртот и свиркачот кој го испровоцира скандалот, Бенон уште пред да работи за Белата Куќа ја развил амбициозната програма за собирање информации и профилирање на милиони американски гласачи. Потоа доаѓа персоналзираната пропаганда, лажните вести, снајперски прецизните пораки, и целосното медиумско опколување, создавањето на еден вид на ехо комори, за секој посебен гласач.
„Мора да разберете дека ова се базира на идеја наречена информациона доминација, според која ако го фатите секој информационен канал околу една личност и потоа внесете содржина околу нејзе, можете да ја смените нејзината перцепција за тоа што навистина се случува. Тоа што Кембриџ Аналитика го прави, е што работи на создавање на мрежа на онлајн дезинформации за луѓе да се фатат на мамката и почнат да кликаат на блогови, сајтови, кои им создаваат перцепција дека некои работи се случуваат, иако не постојат“.
И дека мрежата била сплетена со цел да победи Трамп, потврдува и самиот Никс кој имал бројни средби со него.
„Дали го сретнавте г-дин Трамп?“
„Многу пати. Ние го водевме истражувањето, сите податоци, целата аналитика, таргетирањето, ја водевме дигиталната кампања, телевизиската кампања и нашите податоци ја хранеа стратегијата“.
Со други зборови и Фејсбук и Кембриџ Аналитика се дел од сериозната истрага за руското мешање во американските избори под палката на Роберт Милер, нешто што може да доведе до интерпелација на Трамп.
За цело ова време, Марк Цукерберг кој губи пари и престиж и понатаму се крие од јавноста. Човекот кој досега работеше и често огласуваше на различни теми, од миграција до образование, остана нем за најголемиот скандал во неговата компанија. Се очекува негово обраќање додека акциите на Фејсбук и понатаму тонат, а почнувата и првите групни тужби против мрежата. Почна и кампањата #deleteFacebook, чија цел е креирање на мрежа која ја почитува приватноста и не продава податоци.
Овој Фејсбук и овие господари на мрежата, покажаа дека работат без правила, и дека функционираат во еден вид на правно лимбо, каде никогаш не се одговорни за злоупотребите кои ги прават. Или пак, ова е само свет, каде правилата се направени токму по нивна мерка.
Ивор Мицковски