
Со неколку услови, сепак ќе има туристичка сезона во Европа
Плажите сепак нема да ни бидат само сон, ова лето. ЕК претстави пакет мерки со кои треба да се обезбеди враќање на туризмот и патувањата. Предложено е фазно и координирано олеснување на рестриктивните мерки кои се однесуваат на слободата на движење на граѓаните.
- Безбедност, е основата на нашите услови. Тоа значи преземање постепени, внимателни чекори да се овозможи враќање на патувањата во согласност со она што ни го кажува науката. Вториот принцип е „без дискриминација“-различни држави секако се во различна ситуација. Но, мора да ги третираме Европејците еднакво. Очигледно е дека никој не смее да патува ако се чувствува болно или има симптоми. Треба да соработуваме ако сакаме патувањата да бидат безбедни, како што Европа ги отвора границите, порача Маргарет Вестагер – потпретседател на Европската комисија
Граѓаните од земјите членки на ЕУ нема да одат во карантин, по влезот во друга земја членка, бидејќи циркулацијата на вирусот во овие држави е слично и нема да влијае на епидемиолошката состојба.
Ова нема да биде нормално лето, но ако сите го организираме нашиот дел од работата, нема да мора да останеме дома и да го пропуштиме летото, велат од ЕК, и истакнуваат дека воведените мерки нема да бидат укинати преку ноќ. Патниците ќе имаат патничка мапа, која треба да им помогне да имаат информации за епидемиолошката состојба во земјите каде сакаат да патуваат.
И Балканот се подготвува за отворање на границите. Грција како најпосакувана дестинација за регионот, соопшти дека туристите ќе мора да имаат негативен тест за корона вирус, но не постар од 3 дена. Но, можно е да примаат туристи и од земји кои ќе докажат дека пандемијата е ставена под контрола. Наредната недела ги отвораат и црквите со литии за верниците. Србија брзо го врати секојдневието. А од 1 јуни границата ја отвора само за соседите, а за туристите ќе има бесплатни тестирања. Луѓето со задоволство се вратија во кафулињата и рестораните, а викендов ќе се игра фудбалски натпревар. Сепак, здравствените власти сметаат дека граѓаните премногу брзо се опуштиле, дополнително што корона вирусот влезе во две градинки. Учителка која во понеделникот ги примала децата е позитивна на КОВИД 19.
За разлика од Србија, Црна Гора како земја со мал број на заболени, се уште не дозволува јавни собири. Па така, синоќешната литија, организирана од СПЦ , а на која имаше бројни верници резултираше со седум притворени свештеници и истрага од црногорското обвинителство.
Во светот бројката на заразени со корона надмина 4 милиони, а специфичен лек и вакцина се уште нема. За ефикасноста на вакцината се сомнева и првиот советник за корона вирусот на американскиот претседател. Вели дека американските компании работат на најмалку осум вкацини, кои ако се е добро, на есен треба да се знае дали се ефикасни.
Фаучи вели дека вториот бран на болеста е сосема можен и очекуван, а децата не се целосно заштитени.
Алиса Шутиноска