
Европа полека попушта со мерките, Ковид – 19 се шири во Африка
Италија денеска пријави неверојатни 8.000 оздравени од корона вирусот. Земјата која беше најпогодена од КОВИД 19, е охрабрена од овие бројки и полека се враќа во новото нормално секојдневие. Голем дел од европските држави пријавуваат се помалку заразени и претпазливо ги олабавуваат мерките. Грција јави дека од 1 јули ја отвора границата за туристичката сезона, но сепак постојат одредени услови. Хрватска предлага – туристите да имаат негативен тест стар не повеќе од 24 часа, па потоа ќе им се дозволи влез во државата. Австрија се отвора, но само за безбедните земји. Сите се внимателни во олабавување на мерките, во спротивно болеста повторно ќе се шири.
Петти ден по ред расте бројот на заболени во Русија. земјата не остава на случајности и уште од самиот старт прави масовни тестирања на населението. Денеска јавува нови рекордни 11.300 заболени, но најголемиот дел тука се асимптоматски случаи. Ниту Африка не е поштедена. Но, тука државите немаат само проблеми со корона вирусот. Сушата и климатските промени се уште една причина зошто се најавува недостаток од храна. Пандемијата го забави и транспортот на вакцини, што според докторите, можно е повторно да се појават епидемии на морбили.
Во Америка, болеста исто така стивнува, но Њујоршките власти се изненадени од податокот што 600-тини новозаболени не знаат од каде го добиле вирусот. Во изминатите две недели сите седеле дома и не оделе на работа. За Трамп пандемијата е најлошиот напад на сите времиња врз САД, и повторно ја обвини Кина дека е одговорна за ширење на вирусот. Но, оваа негова изјава ја побива и државниот секретар Мајк Помпео. Самиот , ретерираше и денеска рече дека Америка нема некои големи докази дека вирусот е лабораториски создаден во Вухан. САД како најпогодени, регистрира бројка од 75 илјади починати, што за Трамп е добро.
Втор бран на корона вирусот се очекува наесен, според германските власти, а она што плаши е откритието на научниците дека вирусот има стотици нови мутации кои ќе го предизвикаат КОВИД 19, и се уште никој не утврдил што ќе значи тоа во ширењето на болеста и колку ќе биде ефикасна вакцината.
Ахиловата пета на вирусот е можно да ја погодиле тимот научници од Франкфурт. Најавуваат откривање на лек- кој би овозможил двојна тераписка стратегија – да се спречи ширењето и да се зајакнува имунолошкиот одговор на вирусот.
Алиса Шутиноска