
Русија новото жариште на КОВИД 19
Москва наместо да раскажува за традиционалната првомајска парада – денеска е град на духови. Русија е новото жариште на корона вирусот во светот. Болеста тука е во полн ек, откако бројот на новозаразени за едно деноќие се искачи за нови 10.633 случаи. Половина од нив се во Москва, поради што постои загриженост од колапс на здравствениот систем. Драматичната бројка е резултат на масовното тестирање, па така според епидемиолозите десетте илјади се всушност асимптоматски случаи.
- Ширењето на вирусот најмногу е предизвикано од оние кои го имаат, но без симптоми. Добро е што инфекцијата е детектирана во рана фаза. Ќе повторам, бројот на инфицирани расте, но не и ширењето на самата болест, вели Александар Гинтсбург, директор на Гамалеа Центар за Епидемиологија.
Европа бележи намалување на заболените, и со тоа земјите полека ги олабавуваат мерките. Шпанија, една од седумте најпогодени држави во светот, денеска јави најмал број на починати во изминативе шест недели. Но, болеста се уште не е поразена, инсистираат властите.
- Она што го знаеме е дека се обидуваме, ако има втор бран, што е многу веројатно, ќе биде мал и брзо менаџиран. Ако има втор бран во есен или зима значи ќе биде многу помал, за разлика од овој што го имаме сега, изјави координаторот на здравствениот кризен штаб, Фернандо Симон.
Додека се чека на вакцината, светот е во потрага по лек кој ќе може да ја смири болеста. Според најновите клинички студии лекот за ебола РЕМДЕ-СИВИР, веројатно ќе биде најпризнаениот. Америка прва одобри негова употреба, а и ЕУ можно е да го одобри. Истиот ќе се користи кај сериозно болните од КОВИД 19, и би го скратил времето на заздравување.
- Ова е третман кој ги подобрува симптомите кај пацинетите, кој ја скратува болеста, кој има потенцијал да спасува животи, предупреди д-р Андре Калил, од Медицинскиот центар на Универзитетот Небраска.
Но, она што најмногу ги загрижи родителите во Европа е најавата дека во дел од државите учениците наскоро ќе се вратат во училишните клупи.
Швајцарските научници смируваат дека нема документиран случај дека децата ги заразуваат возрасните. Сепак, предупредија дека животот под рестриктивни мерки ќе трае две или повеќе години. Па додека да почне вакцинацијата, маските ќе останат навика која ќе го спречи ширењето на вирусот.
Алиса Шутиноска