
Русија има повеќе заболени од коронавирусот од Кина
Бројката на заболени од коронавирус во Русија се зголеми на над 87.000 лица и ја надмина Кина каде според официјалните податоци има за околу четири илјади случаи помалку. Во март, бројот на новозаразени во Русија брзо се зголеми, а властите реагираа со мерки за карантин низ целата земја. Иако порастот на нови случаи во Русија е меѓу највисоките во светот, бројот на смртни случаи е релативно низок – 794, според официјалните бројки. Властите во земјата велат дека веќе направиле повеќе од три милиони тестови на присуство на Ковид-19.
„Пикот на епидемијата се очекува за три недели. До средината на мај мора да го достигнеме врвот. Потоа, во првиот месец од летото, односно во јуни, ситуацијата ќе се подобри“ изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Руските медиуми го цитираа Министерството за одбрана според кое има 900 воени лица заразени со коронавирусот, но само четворица во сериозна состојба.
Во последните 24 часа во Русија се регистрирани 6.198 новозаболени и сега вкупната бројка е 87.147 лица а досега како излекувани се водат 7.346 пациенти.