„Царот“ Путин помоќен од кога било

„Царот“ Путин е крунисан по четврти пат, и овој пат круната највисоко стои. Победа со најголем конзензус досега, 76 проценти од гласовите. Путин посилен од отровот, посилен од истрагите во САД, посилен на Блискиот Исток, со други зборови посилен од Западниот обрач, чиј притисок според ескпертите само ја бетонира домашната поддршка и сила на „царот“.

„Успехот е во нашата судбина“, ќе каже Путин пред насобраната толпа после победата.

„Нас успехот не чека. Да! Многу е важно да останеме обединети мои драги луѓе. Многу е важно да ги придобиеме и оние кои можеби гласале за други кандидати. Потребна ни е оваа обединетост за да чекориме напред, а за да одиме напред треба да ги земеме предвид чувствата на секој граѓанин. Нема да се водиме од конјуктурни состојби, ќе мислиме за иднината на нашата татковина, за иднината на нашите деца, и ќе делуваме соодветно. Ние сме предодредени да успееме. Така ли е?!“

„Царот“ посилен од кога било, го искористи националистичкиот наратив за опколената татковина, поклопувајќи го датумот на изборите со годишнината од анектирањето на Крим. Путин свесно игра на погрешната интерпретација за нова Студена Војна, иако во духот на идеологијата, воено или геополитички, оваа Русија малку што има заедничко со Советскиот Сојуз. Сепак, превладува чувството дека опортунизмот на Путин надвладува над интересите на Западот. Труењето на рускиот шпиун е само отварање на третата криза помеѓу Русија и Западот. Тивката војна во Украина и понатаму е рак рана во срцето на Европа, но го уништи неговиот план за Евроазиска унија. На Блискиот Исток успеа со сила да ја наметне својата позиција. Го оддржа режимот на Башар Асад и Путин е тој кој ќе одлучува за евентуална поделба на земјата. Да не говориме за мешањето во американските избори, и поделбата која ја внесе меѓу НАТО членките, дозволувајќи и на Турција да добие своја зона на интерес во Сирија.

Со други зборови, додека глуми опколеност од Западот, Путин ја опколува Европа и Балканот, каде како печурки се јавуваат поддржувачи и партии посветени на делото и интересите на Путин. Пријател на популистите на Стариот Континент, со растот на силата на Путин, ќе растат и нивните амбиции и деструктивност.

„Кој било лидер кој ќе добие силна поддршка дома, станува неизбежно посилен и меѓународно. Тоа за Западот значи дека доколку сакате да работите со Русија, а морате, тоа е неизбежно, затоа што е преголема, мора да работите со мене (Путин)“.

Со други зборови Европа е нужен соговорник на Моска, дури и сојузник на многу теми, од борбата против тероризмот, нуклеарната пролиферација, Блискиот Исток, енергетиката. Проблемот на Европа е што недостасува заедничкиот глас, а во тој вакуум Балканот е страната која мора јасно да го избере својот сојузник и својата стратешка определба.

„Не постои никаква намера да забрзаме некаква трка во наоружување, напротив, ќе развиваме конструктивни односи со сите земји од светот. Сакаме и ги повикуваме нашите партнери да имаме конструктивен дијалог, но очигледно, не се зависи само од нас. Како во љубовта, потребно е двете страни да се заинтересирани, инаку нема љубов“.

Суштински гледано, изборот на „Путин Четврти“ не ја менува меѓународната ситуација, напротив со сила ја потврдува веќе познатата ситуација. Но, работите се менуваат за Европа, која со подемот на Кина и Русија, тивката војна и поделбите кои и ги нанесува слонот Трамп, се послабо фаќа чекор со историјата, поточно иднината. Европа е поделена и нејзините внатрешни совранисти од Вишеградската група се повеќе стануваат еден вид на антиевропски модел, понесен од сирените на Москва и Пекинг, нешто што се покажа и на италијанските избори. Демократските вредности се повеќе капитулираат надвор од Европа или во нејзините граници, Кина доби доживотен претседател помоќен од Мао Це Тунг, а прашање е дали Путин ќе изрази слични амбиции и ќе посегне по Уставот, кој сега декретира дека ова е неговиот втор, и последен претседателски мандат.

Русија со економска криза, социјални проблеми, внатрешни борби за моќ, останува големиот сојузник и непријател на Европа. И покрај сите потешкотии, во кралството на „царот“ нема да има стратешки промени наскоро, па оттука е подобро да се подготвиме за една долга, тешка зима, за Балканот и за цела Европа.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ