Меркел: ЕУ мора да покаже единство во борбата со пандемијата

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска го истакна значењето на единството на Европа во борбата против пандемијата на коронавирусот и најави дека целта на германското претседателство со ЕУ, од 1 јули, ќе биде да ја направи Европа поподготвена за 21-от век. Меркел додаде дека во претстојното претседателство на Германија со ЕУ на дневен ред ќе биде климата, но и здравството.

„Во наредните недели и месеци мора да покажеме дека сме единствени, дека можеме да ги надминеме штетите, економските последици од оваа криза и дека можеме да постигнеме се со цел Европа да ја надмине оваа ситуација. Целта е по завршувањето на германското претседателство да имаме Европа која ќе биде поподготвена за 21-от век отколку што е денес “, рече Меркел.

Таа истакна дека после кризата е потребна програма за раст, поради што Германија многу повеќе ќе се ангажира околу буџетот на ЕУ, отколку досега.

Во таа насока и еврокомесарот Јоханес Јан најави дека ЕУ ќе има рекордно голем Буџет за следните неколку години за да може да се отстранат последиците од пандемијата на коронавирусот а Европа да се стабилизира.

„Она со што ќе излеземе е предлог за модифициран буџет кој предвидува, особено во првите три до четири години, буџет со јасно поголем обем на инвестиции“, најави  еврокомесарот Хан.

Европската комисија ќе го претстави својот предлог за новиот буџет најдоцна до средината на мај, по што ќе следат преговори со членките и со Европскиот парламент.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ