Бура реакции и критики за предлогот на Трамп за користење средства за хигиена во лекувањето на вирусот

„Во никој случај нашите производи не смеат да се инјектираат или пијат“, беше одговорот на најпознатата светска компанија за производство на средства за хигиена, Рекит Бенкајзер, откако американскиот претседател Доналд Трамп предложи дека тие да можат да бидат употребени во лекувањето на коронавирусот. По стотици илјади коментари на социјалните мрежи и осудувачки изјави од медицински професионалци ширум светот, компанијата, која ги поседува најпродаваните брендови за хигиена во САД, им порача на своите потрошувачи нејзините продукти да ги користат според упатствата и за намената за која се произведени.

Важно е дека треба да ни биде јасно како овие производи се наменети за употреба, така да многу јасно дезифициенсите не се наменети за голтање преку уста, уво, вдишување на било каков начин, облик или форма. Правејќи го тоа луѓето се ставаат во голем ризик, посочи д-р Оксирис Барбот, Комесар за здравство на Њујорк.

Предлогот американскиот претседател го даде, откако работната група на Белата куќа за борба против коронавирусот ги презентираше последните откритија на нејзиниот научен оддел за вирусот. Според нивните испитувања вирусот не преживува долго изложен на влага или директна сончева светлина. Тие исто така го испитувале и дејството на срдствата за хигиена врз вирусот.

Исто така тестиравме веднаш достапни дезифициенси. Тестиравме белило, тестиравме изопропил алкохол на вирусот, особено во плунката или во респираторните течности. Можам да ви кажам дека белилото го убива вирусот за пет минути. Изопропил алкохолот ќе го убие вирусот за 30 секунди, соопшти потсекретарот за наука во Министерството за внатрешна безбедност Вилијам Брајан.

Оттука излезе идејата на американскиот претседател за нивна медицинска апликација.

Го убива за една минута. Една минута. Дали има начин да се направи нешто такво, дали преку инјектирање внатре или речиси како чистење? предложи Трамп.

Белата куќа веднаш се обиде да ја минимизира штетата потенцирајќи дека претседателот постојано ги советувал Американците да консултираат лекар во лекувањето на вирусот и ги обвини медиумите дека ги извртуваат неговите зборови.

Од почетокот на епидемијата во земјата заболеа повеќе од 900.000 Американци а бројот на смртни случаи достигна 51.000. Рестриктивните мерки за органичувањето на ширењето на вирусот кои ги воведоа федералната и локалните влади се покажаа кобни за економијата па по неколку дневни протести неколку сојузни држави самостојно започнаа нивно укинување.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ