
Дополнителни 30 милиони долари од Кина за СЗО
Кинеските власти денеска соопштија дека ќе издвојат дополнителни 30 милиони американски долари за Светската здравствена организација (СЗО), откако САД го суспендираа финансирањето за агенцијата на Обединетите Нации (ОН).
„Тие средства се исклучиво за превенција и контрола на Ковид-19 и за да се помогне во развојот на здравствените системи во земјите во развој.Поддршката на СЗО во критичен момент во борбата против пандемијата значи да се бранат идеалите и принципите на мултилатерализам и статусот и угледот на Обединетите нации“, изјави Генг Шуанг, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.
САД го прекинаа финансирањето на СЗО обвинувајќи дека организацијата не реагирала соодветно на заканата од новиот коронавирус и дека е под силно влијание на Кина, иако добиле најголема сума пари од САД.
По одлуката на администрацијата на Трамп да го прекине финансирањето на СЗО, Пекинг ги обвини САД за „поткопување на меѓународната соработка во борбата против Ковид-19“ и го повика Вашингтон сериозно да ги сфати своите обврски и одговорности“.
Инаку, САД се најголем донатор на СЗО, со повеќе од 400 милиони американски долари во 2019 година или околу 15 проценти од нејзиниот буџет.