Италијанските бизниси бараат укинување на рестрикциите, здравствените власти повикуваат на внимателност

Италијанските власти ги предупредија централната и регионалните влади дека треба да бидат многу внимателни барајќи предвремено олабавување на рестриктивните мерки поради катастрофалните последици врз бизнисот во земјата. Вонредниот комесар за епидемијата оцени дека без безбедноста на јавното здравје нема да има рестартирање на економијата.

Погрешно е, сензационално погрешно е да се претставува ова како некој конфликт меѓу здравјето и безбедноста на една страна и рестартирањето на економијата и БДП-то на друга. Не постои натпревар меѓу овие два аспекти, напротив без здравјето и безбедноста економското рестартирање ќе исчезне додека да трепнете, изјави вонредниот комесар Доменико Аркури.

Забележувајќи постојано намалување на бројот на новозаболени и починати во земјата изминативе две недели, локалните власти, особено во до сега најпогодениот регион Ломбардија, започнаа да ја пристискаат централната влада да се согласи на порано олабавување на рестриктивните мерки. Претставувајќи ја сериозноста на ситуацијата Аркури посочи дека за време на Втората светска војна во Милано загинале петпати помалку цивили отколку што починаа од коронавирусот.

Помеѓу 11 јули 1940 и 1 мај 1945, за време на Втората Светска војна, 2.000 цивили загинаа во Милано од бомбардирањата. Во пет години. Во два месеци од првиот случај во Кодоњо до денеска, 11.851 цивил починаа во Ломбардија од коронавирусот. Што е пет пати повеќе, за само два месеци, рече Аркури.

За релаксирање на мерките размислува и најпогодената држава во светски рамки. И покрај 37.000 смртни случаи во земјата и дополнителни 13.500 во критична состојба американскиот претседател тврди дека видел позитивни знаци а голем дел од стопанствениците со денови протестираат барајќи укинување на рестриктивните мерки.

Луѓето си одат, во суштина луѓето си одат. Тоа значи дека има се помал број на болни луѓе. Се помал број на луѓе кои чувствуваат дека мора да одат во болница. Тие бројки навистина нагло се намалуваат. Така што сметам дека повторно гледаме добри сигнали, рече Трамп.

Со повеќе од 2.280.000 заболени на глобално ниво и 156.000 починати, најголемиот дел од зафатените 210 држави беа приморани да воведат вонредни рестриктивни мерки за ограничување на ширењето на вирусот, кои од друга страна имаат катастрофален ефект врз глобалната економија. И покрај притисоците СЗО опстојува на својата препорака, релаксирањето на мерките да биде правено внимателноо и во етапи.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ