Кина со нови статистики за бројот на починати, властите велат дека не лажирале

Кина го ревидираше бројот на починати од корона вирусот. Според тие статистики, во Вухан починале 1.290 луѓе повеќе, и вкупната бројка е 3.869 жртви. Но, исто така зголемен е бројот и на заразени. Кина негира дека ги лажирала податоците во првите шест недели. Тврди дека на почетокот на епидемијата, докторите биле претрупани со работа и посмртниците не биле точно пополнувани.

Сепак, Кина, од каде се појави корона вирусот, е обвинета за нетранспарентност.

Америка се сомнева дека заразата се појавила на отворените пазари во Вухан каде се продава месо од различни животни. Сега ќе истражуваат дали вирусот потекнува од лабораторија на институтот во Вухан, и случајно излегол од него. Кина им сугерира да престанат со политичка манипулација и да се фокусираат да ја сузбијат епидемијата која кај нив ја колабираше целата економија, а по бројот на починати ја надмина и неа. Додека болеста неконтролирано се шири, и досега однесе 32.000 жртви, над 20 милиони американци останаа без работа. Белата куќа има план, економијата етапно да се враќа во колосек.

По Америка, Италија и Шпанија се уште се на врвот по бројот на починати и заразени. Но, Белгија има најголема стапка на смртност во светот, изразена во проценти, односно 13,4 отсто. И тука ја надминува Италија. Една од причините, е драматичната ситуација во домовите за стари лица, каде вирусот е навлезен. Па така, 45% од вкупниот број на починати се штитеници од домовите или нивните вработени.

Властите во Велика Британија се обидуваат да се справи со критиките откако од две кинески компании купила два милиона неисправни тестови, за кои платила 20 милиони долари. Дека тестовите се непрецизни, утврдил Универзитетот во Оксфорд.

Данска, која прва воведе рестриктивни мерки, од понеделник ги отвора малите бизниси. Ќе почнат со работа фризерниците, козметичарите и авто-школите.

Бројот на заразени со коронавирусот во земјите од регионот сè уште се зголемува и го надмина бројот на 6.100. Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 2 милиони и 200-те илјади луѓе, четвртина од нив оздравеле, додека починати се 148 илјади.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ