САД со најголем број смртни случаи повеќе од 20.500, ја надмина Италија

Бројот на заразени со COVID-19 на глобално ниво достигна 1.800.000 со повеќе од 100.000 смртни случаи, покажува табелата Светската здравствена организација. Најмногу инфицирани се регистрирани на европскиот континет, но вкупниот број на смртни случаи во Соединетите Држави изнесува повеќе од 20.500, надминувајќи ја и Италија.

Италија сега е на второто место со 19.500, по што следат Шпанија со 16.500 и Франција со 13.800 жртви.

Во САД, најголем број жртви се регистрирани во изминатите четири дена, од кои со најголем број во градот и државата Њујорк.

-Ужасната вест е бројот на изгубени животи, 783 вчера. Тоа не е високо ниво и можете да видите дека бројот е стабилизирачки, но се стабилизира со ужасна стапка. 783 луѓе, па 777, 799. Овие се само неверојатни бројки кои прокажуваат неверојатна загуба и болка, рече Ендру Куомо, гувернер на Њујорк.

Американскиот претседател Доналд Трамп официјално прогласи катастрофа за државата Вајоминг, како последна држава на САД. Сега сите 50 држави, како и островите Вашингтон, Девствени острови, се под статус на катастрофа за прв пат во историјата.

Прогласувањето состојба на голема катастрофа на сојузните и државните влади го прави достапно федералното финансирање. А владите на државите може да се координираат со федералните служби за итни случаи.

Бројот на загинати во изминатите 24-часа опаѓа веќе трет ден по ред во Шпанија. Регистрирани се 510 смртни случаи што е најмал број на смртни случаи од КОВИД-19 од 23 март.

Германија за првпат бележи поголем број на излекувани од бројот на заразени. Според берлинскиот институт „Роберт Кох“, излекувани се 60.200 пациенти, а заразени се 57.606. во Германија досега починаа околу 2.700 луѓе.

-Што ќе се случува следно, кога и како може да се укинат ограничувањата, тоа не е нешто за што ќе одлучат сами политичари и експерти – туку нешто што сите го имаме во свои раце, со нашето трпение и нашата дисциплина, нели сега, кога е најтешко за нас, упати порака Франк-Валтер Штајнмаер, претседател на Германија.

Здравствената состојба на британскиот премиер Борис Џонсон, кој се уште е во болница, се подобрува, објави Даунинг Стрит. Но медицинскиот персонал во Велика Британија се уште нема доволно заштитна опрема и ги ризикуваат своите животи работејќи без соодветна заштита.

Се забавува темпото на ширењето на COVID-19 на Блискиот исток. Според иранското Министерство за здравство земјата четврти ден по ред бележи дневно зголемување помалку од 2.000 заболени.

Сепак, ситуацијата се влоши во Турција, која го објави својот прв случај КОВИД-19 пред еден месец.

Турскиот министер за здравство во објави повеќе од 5.000 нови случаи, што претставува најголем дневен пораст по три последователни дена од над 4.000 нови инфекции секој ден. Досега, вкупниот број на потврдени случаи во Турција достигна 52.000, додека бројот на починати се искачил на 1.101.

Италијанската влада денеска донесе одлука за продолжување на карантинот до 3-ти мај, но претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен ги предупредува постарите лица да ги ограничат контактите до крајот на годината. Изолацијата е тешка но сега е прашање на живот или смрт.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ