Коронавирусот продолжува да ја пустоши Европа

Иако повеќето кои починаа од коронавирусот во Италија беа на околу 80 годишна возраст, Ковид-19 ја погоди и помладата популација во земјата. Андреа Наполи е 33 годишен адвокат и поранешен младински ватерполо шампион на Италија во одлична здравствена состојба, кој поминал 11 денови на интензивна нега откако за само ден и половина по дијагностицирањето на болеста, состојбата му се влошила.

На почетокот ве ослабува толку многу што дури не го гледате ниту светлото на крајот од тунелот. Тогаш во ходникот ги слушате медиумите како зборуваат само за смртни случаи. Вистински проблеми кои можат и вас да ви се случат. И сето тоа го искусувате во екстремна самотија, затоа што бев сам во собата, лекарите можеа да влезат само два пати во денот, вели 33 годишниот Наполи.

Со денешните 5.200 случаи Италија има 97.689 заболени. Покрај тоа во изминативе 24 часа биле регистрирани и 756 смртни случаи, со кои бројот на починати се доближува до 11.000. Покрај Италија и Шпанија со 6.600 смртни случаи на 78.800 заболени се двете најпогодени држави во однос на стапката на смртност од новиот коронавирус. Од петте најпогодени држави во светот, три се европски. Стариот континент е најпогоден од пандемијата на коронавирусот па европските земји стравуваат од нова економска криза.

Предлогот за кој конкретно дискутираме сега е Европскиот механизам за стабилизација кој е подготвен да стане оперативен. Зад него се заеднички можности да се мобилизираат многу пари и ако го направиме тоа употребливо сега за државите кои имаат потреба, тоа ќе биде многу конкретен придонес кон солидарноста во оваа тешка ситуација, порача германскиот министер за финансии Олаф Шолц.

Освен на Стариот континент жариште на вирусот се отвори и во Њујорк. 59.500 заболени има само во таа сојузната држава, речиси половина од вкупните 131.000 во САД. Претседателот Доналд Трамп трпи силни критики откако се повлече од најавата за карантин на Њујорк, посочувајќи дека таква била препораката на работната група на Белата куќа.

Сакаме секоја област и регион во оваа држава да ги има потребните информации од терен за да ги утврдат мерките кои се соодветни за нив. Секоја локација е различна. Некои се многу, многу различни, некои се како ден и ноќ, тврди Трамп.

Но директорот на американскиот национален институт за алергија и заразни болести Ентони Фочи кој е еден од најистакнатите членови на работната група на Трамп, предупреди дека бројот на починати од вирусот може да достигне до 200.000 Американци.

На глобално ниво од почетокот на пандемија до сега заболеа повеќе од 691.000 од кои 147.354 се опоравија. Андреа се надева дека набрзо и тој ќе се приклучи кон оваа група која се избори со вирусот.

Едноставна прошетка и да ги видам родителите. Тоа што најмногу ми недостига е да ги видам луѓето што ги сакам и едноставно да се прошетам, вели Наполи.

Од утре Андреа влегува во двонеделниот задолжителен карантин по завршувањето на терапијата, по кој се надева дека конечно ќе се врати во нормалниот живот.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ