
Рекорден број смртни случаи од коронавирусот во Италија
Италија денеска го забележа најголемиот број смртни случаи од коронавирусот во само еден ден, дури 919. Тоа значи дека од вирусот до сега во земјата починаа 9.134 лица, речиси три пати повеќе од Кина, земјата од каде започна да се шири пандемијата. Во Италија денеска беа регистрирани и нови 5.909 заболени со кои вкупниот број достигна 86.498.
Висок број на починати денеска забележа и Шпанија. 569 смртни случаи во еден ден и нови 6.273 заболени. До сега во земјата починаа 4.934 лица а вкупно заразени има малку повеќе од 64.000. И покрај ригорозните рестриктивни мерки, двете земји страдаат се повеќе. Шпанската влада денеска соопшти дека заедно со Италија побарале финансиска помош од ЕУ.
Шпанската влада и премиерот Санчез со други европски држави бараат јасен, ефикасен и одлучен одговор за финансирање на среден и долг рок, рече министерката за даночна политика Марија Хесус Монтеро.
САД кои со вчерашните 17.224 новозаболени ја поминаа Кина и станаа држава со најмногу позитивни случаи на заразени, денеска повторно очекуваат голем број на нови случаи. Поради се потешките последици за економијата а со тоа и животниот стандард на граѓаните, Претставничкиот дом на Конгресот денеска усвои историски стимулациски пакет од 2,2 трилиони долари. Во пакетот е предвидено исплаќање по 1.200 долари на повеќето пензионери во САД, зголемување на бенефициите за невработеност, даночно ослободување на бизнисот и милијарди долари помош за локалните власти.
Американскиот народ заслужува сеопфатен владин, визионерски, заснован на докази одговор на овие закани кон нивните животи и нивната егзистенција и тоа им е потребно веднаш, порача спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.
Британскиот премиер Борис Џонсон и министерот за Здравство Мет Хенкок денеска соопштија дека и двајцата се позитивни на вирусот. Велика Британија, која најдоцна од сите европски држави започна со воведувањето на мерките, до сега има 14.500 заболени и 759 починати.
Со нови 74 заболени во Грција денеска вкупниот број се искачи на 966. 29 смртни случаи има до сега во најпогодената балканска земја. Таа е најпогодената балканска земја. 70 нови случаи забележа и Словенија, каде сега има 632 заболени од кои 9-мина починаа. Хрватска има 586 заболени, Србија 528, Бугарија 293, Босна и Херцеговина 231 и Албанија 186.
Во глобални рамки вкупниот број на заболени надминува 588.000 од кои 26.917 починаа.
Игор Трајков