Коронавирусот „коси“ во Италија, за само 24 часа 793 починати

Италија денеска го забележа најголемиот број смртни случаи од коронавирусот во само еден ден. Италијанските власти соопштија дека од вирусот во последните 24 часа починале 793 лица а регистрирани биле и 6.557 нови заболени. Со денешните податоци вкупниот број на заболени во Италија се искачи на 53.578 лица а бројот на починати на 4.825.

Многу е опасно, ова е катастрофа, ова е цунами и ние сме тука по 12 часа на ден. Само си одиме до дома на неколку часа и се враќаме да работиме, затоа што сме тука за пациентите, вели д-р Леонор Тамајо, доктор на интензивна нега во болницата во Кремона.

Бергамо е еден од најпогодените градови во Италија. Поради големиот број починати на градските гробишта повеќе нема место па армијата ги транспортира ковчезите до Пиедмонт и Ферара за да бидат кремирани.

Реалноста во која живееме тука, а тоа е нешто кое за жал ни е заедничко на сите, е дека секој од нас има пријател, или роднина, или познаник, или колега кој во моментов е болен, рече градоначалникот на Бергамо Џорџио Гори.

Болницата во Кремона во тешко погодената Ломбардија има само едно одделение за интензивна нега и неговиот капацитет е полн со пациенти со коронавирусот. Докторите беа приморани да пренаменат друг оддел во болницата како интензивна нега, но креветите во новата таму беа наполнети за само еден ден.

Чекањето да се направи нешто мислам повеќе дека не е опција. Можеби на почетокот не знаевме точно што ќе се случи, но сега знаеме. Мислите дека нема да се случи тука или било каде. Затоа што ќе се случи ако не направите ништо да го запрете, порача д-р Емануела Катеначи, неврохирург во болницата во Кремона.

Лекарите од земјата денеска упатија предупредување до целиот свет и особено младите луѓе, дека вирусот повеќе не е најопасен само за постарите, затоа што во последните денови во кои видовме катастрофално висок број на починати, има средовечни но и млади луѓе.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ