
Еврофокус: ЕУ со доцнење се мобилизира против Ковид-19
Иако принципот на солидарност е еден од основните столбови на кои почива Европската Унија, Брисел и покрај координациите кои почнаа уште на почетокот на февруари, дури неделава преку видео- конференциски Самит на шефовите на држави и влади ги активираше механизмите за заедничка акција.
Сите држави сега делуваат во еден глас и координирано, иако не стивнуваат критиките дека овој витален и неопходен чекор доаѓа доцна, а како пример за тоа се посочува Италија, каде помошта прво пристигна од Кина, додека земјите членки останаа глуви на повиците за помош кои доаѓаа од Рим.
Сега се чини дека сето тоа ќе се надмине. Но како? И преку кои механизми ?
Првиот и основен инструмент на Унијата е т.н. „Механизам за цивилна заштита“ на ЕУ. Со него се опфатени 26 земји членки и 6 земји учеснички –Македонија, Исланд, Норвешка, Србија, Црна Гора и Турција, а се однесува на одговор на кризи во Унијата, но и глобално надвор од ЕУ. Од 2001 година, Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, кој ги опфаќа капацитетите за одговор од сите земји-членки на ЕУ и шесте земји-учеснички е активиран повеќе од 330 пати за да одговори на итни случаи.
Но во конретниот случај за сузбивање на ширењето на корона вирусот, Европската Унија го активираше т.н. Интегриран одговор на кризи кој на Советот на ЕУ му овозможува брзо и координирано донесување одлуки на политичко ниво на ЕУ во случај на кризи.
Овој механизам овозможува координирана акција и брз одговор кога било која земја членка ќе се повика на клаузулата за солидарност. Како и повеќе други елементи во функционирањето на Унијата механизмот е сложен, опфаќа повеќе сегменти од координација во размена на информации, мониторинг и активирање на сет од конкретни мерки. Или иако споредбата не е сосема соодветна – пренесено на македонското законодавство тоа би било нешто како актуелната вонредна ситуација прогласена во земјава, која овозможува лесно носење на одлуки со сила на закон кои веднаш се применуваат.
Поедноиставено, клучните одлуки и натаму ги носи Европскиот Совет и Советот на ЕУ, за дел прашања и Европскиот Парламент, како и Европската Централна Банка, а оперативно мерките ги предлага и спроведува Европската Комисија, која сега има формирано посебно тело – „Тим за Одговор на Ковид 19“, со 8 еврокомсари а на чие чело е претседателката на ЕК, Урсула Вон дер Лаен.
Што презеде ЕУ:
Првиот чекор, без преседан, е затворање на границите на Шенген зоната. Но правилата внатре остануваат специфични и зависат од одлуките на секоја земја а мобилноста и движењето внатре во шенген зоната не е ограничено. Она што Унијата се труди да го направи е да нема забрана за транспорт на стоки и тој се одвива по т.н. „брза зелена лента“ за проток на витални продукти.
„Мора да овозможиме непречено движење на патниците, каде што живеат или каде што работат.Луксембург е импресивен пример. Премиерот на Луксембург соопшти многу јасно дека од суштинско значење е патниците да можат да доаѓаат и да си заминауваат затоа што, нозинството од здравствените работници во болниците живеат или во Франција или Германија и мора брзо да патуваат и не смее со часови да трае патувањето до работа или до домот. Затоа е битно да ја исправиме оваа ситуација“, изјави Урсула Вон Дер Лејен, претседател на Европската Комисија.
Еден од првите чекори беше обезедувањето на медицинска опрема. Комисијата за прв пат донесе одлука за креирање на стратешки резерви со медицинска опрема како што се респираторни машини, заштитни маски, лабораториски материјали, вакцини и лекови кои ќе им бидат достапни на државите членки за справување со пандемијата на КОВИД-19.
„ЕУ презема акција за да набави повеќе опрема за државите-членки. Ние го создадовме „реск ЕУ“ за што побрзо да ги брзо да ги добиеме и залихите потребни за борба против коронавирусот. Тиеќе се користат за поддршка на државите членки кај кои ќе се јави недостаток на опрема потребна за лекување на заразени пациенти,за заштита на здравствените работници и за да помогне во забавување на ширењето на вирусот. Нашиот план е да се продолжи напред без одложување“, изјави Јанез Ленарчиќ Комесарот за управување со кризи.
Оваа мерка денеска треба да стапи на сила а предвидува Комисијата да ги финансира 90 отсто од залихите а 10 отсто од трошоците да ги плати државата која ги набавува резервите. Центарот за координација на одговор при итни случаи ќе управува со дистрибуцијата на опремата за да се обезбеди дека оди таму каде што е најпотребно. Првичниот буџет на залихи на ЕУ е 50 милиони евра.
Но, главниот сет на мерки е во сферата на економијата и здравството.
Со 37 милијарди евра од кохезивните фондови, Европската Унија ќе се обиде да ја спаси економијата во државите членки кои се под силен удар на коронавирусот. Со овие пари ќе се финансираат директни грантови, ќе се субвенционираат јавни заеми на компаниите, ќе се обезбедуваат државни гаранции за заем на компании од банките и ќе се финансира краткорочното извозно осигурување. Средствата ќе треба да го ублажат ударот врз микро, малите и средни претпријатија предизвикани од изолацијата на граѓаните.
„Економската ситуација е екстремно сериозна и затоа сите мерки кои се превземени во здравствениот сектор и страна кои се исправни и треба да го запрат ширењето на вирусот гледаме дека имаат огромно влијание врз економијата. Ова не е шок кој дојде однадвор. Го погоди целиот свет. Никогаш не сме се соочиле со нешто такво“,изјави Урсула Вон Дер Лејен, претседател на Европската Комисија.
Одговорот се чини засега соодветен на предизвиците.
„Во моментов ја финализираме новата привремена рамка за државна помош која ќе овозможи многу голема флексибилност на државите членки да ги поддржат компаниите. Ние работиме со индустријата во Европа за да се зголеми производството на овие ограничени производи, а тоа се однесува на личната заштитна. Опрема но и на респираторните машини, кои ни се очајно потребни“, изјави Урсула Вон Дер Лејен, претседател на Европската Комисија.
Со ова т.н. привремена рамка на земјите-членки им се дозволува поглема флексибилност во правилата за државна помош, кои инаку се строго ограничени. Па така, заедно со голем број други мерки за поддршка кои земјите-членки можат да ги користат според постојните правила за државна помош, привремената рамка им овозможува на земјите-членки да обезбедат доволна ликвидност на компаниите од сите категории и да ја одржат економијата активна и за време и по пандемијата со „Ковид-19“, бидејќи според извршниот потпретседател на Европската Комисија, Маргарета Вестагер – „ економските последици од пандемијата „ковид-19“ се многу сериозни“.
Со оваа олабавувањер на правилата за државна помош , европската економија ќе биде помогната со пет клучни мерки :
– Директни дотации, селективни даночни олеснувања и аванси за итни ликвидни потреби во висина до 800 000 евра
– Државни гаранции за кредитирање на претпријатијата
– Субвенционирано финансирање на компании со заеми од јавниот сектор
– Мерки за заштита на банките кои ја насочуваат државната помош кон реалната економија
– Краткорочно осигурување за извозно кредитно осигурување
Дополнително , Комисијата од Буџетот на ЕУ ќе пренамени околу една милијарда евра за Европскиот инвестициски Фонд, за поддршка на околу сто илјади мали и средни претпријатија.
Европската Централна банка, пак, со 750 милијарди евра ќе го помага одржувањето на монетарната стабилност.
Од дополнителните здравствени мерки, пак, Европската Комисија формираше и посебен експертски совет од експерти кој треба да ги координира и да дава насоки за мерките за заштита од ширењето на Ковид 19. Осумдесет милиони евра, пак се доделени на германска компанија за истражувања за развој на вакцина.
Каде е Балканот и земјите кандидати? Инструменти за помош има, но се чини дека ЕУ е засега фокусирана на сопствениот двор.
Огнен Чанчаревиќ