475 починати од корона вирусот во Италија за еден ден

Бројот на починати луѓе од корона вирусот во Италија се зголеми за 475 во еден ден на речиси 3 000, најголемиот пораст на смртниот биланс по избувнувањето на пандемијата.

Досега во Италија се регистрирани повеќе од 35,713 потврдени случаи во државата, при што преку 4000 успешно се опоравиле.

Во најтешко погодениот регион во Италија од пандемијата, Ломбардија, во еден ден се регистрирани 319 смртни случаи.

Светската здравствена организација денеска соопшти дека најголемиот дел од повеќето од 200 илјади случаи на заразени од корона вирусот се регистрирани во Италиј и регионот на западниот пацифик, кој го вклучува поголемиот дел од Азија. Препораката до земјите останува иста – тестирање, изолација, третман и следење на сите контакти на секој позитивен случај корона вирус.

“Мерките за физичко дистанцирање како откажувањето на спортските настани, концертите и другите масовни собири може да го забават ширењето на вирусот. Тие може да го намалат товарот врз здравствените системи и да помогнат во справувањето со епидемиите, преку таргетирани и фокусирани мерки. Но за да се запре и контролира епидемијата, државите мора да ги изолираат, тестираат, третираат и следат случаите. Ако тоа не го направат, ланците на пренесување ќе продолжат со послаб интензитет а потоа повторно ќе се засилат откако мерките за физичко раздвојување ќе се укинат” – порача Адханом.

Италија е под карантин речиси 2 недели, во обид на властите да ја запрат епидемијата. Од луѓето се бара да останат во своите домови, но бројот на смртните случаи продолжува да се зголемува.

Според СЗО, ова е веројатно последица на огромниот број случаи во здравствениот систем како и големиот број на постари луѓе во италијанското население.

Во остатокот од Европа, во Шпанија има 598 починати и над 13 000 инфекции додека во Франција има над 7 700-то болни луѓе и 175 смртни случаи.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска и се обрати на нацијата преку телевизиските екрани, предупредувајќи дека државата се соочува со најголемиот предизвик во својата историја по втората светска војна.

Во своето прво вонредно обраќање до германците во текот на 14-те години на чело на државата, Меркел посочи дека секој граѓанин мора да ги заштити најранливите на болеста Ковид 19, предизвикана од вирусот.

“Силно верувам дека ќе успееме во оваа задача доколку навистина сите наши граѓани сфатат дека ова е и нивна задача. Затоа , сакам да ви кажам: ова е сериозно, така треба и да го прифатите. По обединувањето на Германија, но, по втората светска војна, немало предизвик за нашата држава, за чие надминување е неопходна, заедничка активност базирана на солидарност” – изјави Меркел.

Во Европа, патниците надвор од ЕУ се враќаат од границите и аеродромите, откако 27-те земји членки на унијата воведоа 30-дневна забрана за сите непотребни патувања во европскиот блок, да се запре ширењето на пандемијата.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ