Трамп го избрка Тилерсон – доаѓаат јастребите Помпео и Хаспел

„Не одам никаде!“

„Колку долго ќе останете тука?“

„Колку што претседателот ќе ме остави“.

Претседателот го остави Тилерсон само 14 месеци на позицијата, отпуштајќи го на својот дубиозен манир, преку твитер, и предизвикувајќи нов политички земјотрес во Белата Куќа. Колегата бизнисмен позајмен на дипломатијата е аут, на негово место доаѓа шефот на ЦИА, Мајк Помпео, додека во целиот домино ефект и рокади, на врвот на разузнавачката агенција доаѓа Џина Хаспел, досегашниот број 2 во ЦИА и сега прва жена на главната позиција во службата.

Трамп кажа дека не се согласувал со Тилерсон околу некои работи, како што се позициите околу Иран и С. Кореја, додека за нивните влошени односи се знае подолго време, а пред неколку месеци се збореше и за наводна навреда, според која Тилерсон го нарекол Трамп имбецил.

„Рекс и јас зборувавме за ова подолго време. Во суштина добро се сложувавме, но имавме и несогласувања околу некои работи. Ако го погледнете договорот со Иран, јас мислев дека е ужасен. Мислам дека тој мислеше дека е океј. Јас сакав да го раскинам или да направам нешто. Тој поинаку размислуваше. Значи, навистина не размислувавме исто“.

Тилерсон никогаш не успеа да ја пронајде својата позиција како министер за надворешни, ниту да ја добие довербата на шефот, уште помалку да влијае врз надворешната политика. Воедно се покажа како неспособен да фати крај со самото Министерство, каде и понатаму владее хаос, летаат оставки, додека многу позиции и понатаму се испразнети, затоа што Трамп верува, дека се непотребни.

Караниците со Трамп биле постојани. Тилерсон беше на за една традиционална, умерена и внимателна линија во надворешната политика, додека Трамп постојано го бламираше и критикуваше пред јавноста. Од односите со Русија, каде Тилерсон има добри врски, до Блискиот Исток, С. Кореја и Иран, Тилерсон се обидуваше да спаси нешто од политиката на Обама, онаму каде Трамп настапува со својата импулсивна и деструктивна сила. Парадоксот е што Тилерсон е избкан токму кога како креатор на дијалогот со С. Кореја, победи токму неговата линија, а Трамп се истепа да ја прифати поканата за средба со Ким Јонг Ун. Но, постои и другата страна, дека Тилерсон си заминува во моментот кога Трамп ја отвара трговската и царинската војна со европските сојузници. Протекционизмот на претседателот ја плаши бизнис заедницата од која Тилерсон е силен дел како поранешен шеф на нафтената мултунационала Ексон.

Кога изалага еден гулаб, најчесто доаѓа јастребот, а Мајк Помпео, е еден од најголемите во американската политика.

„Работам со Мајк Помпео веќе некое време, неверојатна енергија, неверојатен интелект. Секогаш сме на истата бранова должина. Односите биле секогаш многу добри и тоа ми треба од Државниот секретар“.

Со радикалниот Помпео, во подем и Џина Хаспел, неговата довчерашна заменичка, сега лансирана во број 1 на ЦИА. Хаспел е проблематична, во 2002 година била вмешана во два случаи на тортура, каде осомничени членови на Ал каеда биле измачувани. Ветеран на агенцијата од 1985 година, Хаспел раководела со една од првите црни локации на ЦИА во Тајланд каде осомничените терористи биле мачени со вотербординг. Доналд Трамп оттогаш повеќе пати рече дека му се допаѓа грубото сослушување на осомничените.

Потресите во Белата куќа носат длабоки последици – особено за ЦИА, сметаат познавачите. Агенцијата работи без речиси никаков надзор, па многу одлуки зависат само од директорот.

Со новата рокада и доаѓањето на Помпео и Хаспел на врвот на дипломатијата и шпијунажата, Америка на Трамп го реализира својот финален и најекстремен политички пресврт кон доминацијата на најнасилната и конзервативна десница, што може да се замисли.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ