
Европа е епицентарот на корона вирусот – 250 мртви во Италија за 24 часа
Европа сега е епицентарот на епидемијата коронавирус, соопшти генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом, додека Италија го пријави денеска најголемото зголемување на смртните случаи по избувнувањето на епидемијата.
Немојте да дозволите овој оган слободно да се шири, предупреди Адханом, апелирајќи до земјите да ги лоцираат , изолираат и третираат сите разболени луѓе за да се прекине ланецот на пренесување на болеста.
“Европа сега е епицентарот на пандемијата со повеќе нови случаи и починати луѓе од остатокот на светот собран заедно, со исклучок на Кина. Повеќе случаи сега се регистрираат секој ден, отколку што се пријавуваа во Кина, во врвот на епидемијата. Ќе го повторам ова. Повеќе случаи се регистрираат секој ден отколку што беа регистрирани во Кина кога епидемијата беше најлоша!” – изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом.
Ситуацијата драматично продолжува да се влошува во Италија. Властите во Рим попладнево соопштија дека бројот на смртни случаи од коронавирусот во оваа држава во последните 24 часа се зголемил за 250 на 1266, најдраматична загуба на човечки животи по избувнувањето на епидемијата.
Ова зголемување на смртните случаи во Италија е речиси идентично со најлошиот ден во текот на епидемијата во Кина, кога на 13-ти Февруари починале 254 луѓе
Покрај Италија, состојбата со епидемијата коронавирус се влошува и во повеќе други европски држави, со што владите се приселени да преземат подрастични мерки.
Премиерот на Шпанија најави дека утре на територијата на целата држава ќе стапи во сила вонредна состојба која ќе важи за наредните 15 дена, заради драстичното зголемување на смртните случаи од коронавирусот, за околу 50% во еден ден на 120 луѓе.
“Ние го направивме гревот дека мислевме дека Италија е далеку и овие проблеми нема да не зафатат нас, дека ништо нема да ни се случи и ќе не одмине. Но, ова е ситуација која е на национално, европско и глобално ниво. Мислам дека во наредната недела ќе видиме ситуации кои не би можеле да ги замислиме, кои сме ги гледале само на филмови или телевизиски серии” – предупреди еден шпански граѓанин.
Чешка, Словачка, Полска и Данска потврдија дека од недела ќе го забранат влезот на странците во своите држави, што е директно против принципите на Шенген зоната.
Брисел досега се изјаснуваше против општата забрана за патување и затворање на границите, но укажуваше дека проверките на граничните премини на европските држави можеби ќе бидат неопходни.
Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во САД заради епидемијата коронавирус. Оваа одлука на Трамп ќе и овозможи на федералната влада со околу 50 милијарди долари да им помогне на здравствените власти во сојузните држави да им помогнат на своите граѓани. Во САД досега има 1 701 потврден случај коронавирус а 40 луѓе починаа од болеста.
Никола Илиевски