Се шири корона вирусот и во Србија, вкупно 12 заболени

Во Србија се потврдени уште седум случаи на заразени со новиот коронавирус, со што се зголеми бројот на заразените на 12, соопшти утрово Министерството за здравство. Еден од новозаболените, кој е од Нови Сад,  има потешка клиничка слика, додека останатите се со полесни симптоми. Сите се заболени од ист извор, односно биле присутни на собир, каде имало заболен од корона вирус, по што бројот на инфицирани сега се зголемува, а веројатно и ќе се појават нови случаи, објаснува директорот на инфективната клиника, Горан Стефановиќ.

Од последниот извештај, во 18 часот синоќа до 8 часот утрово, тестирани се примероци од 13 лица, од кои седум се позитивни и шест негативни за новиот коронавирус.

Вкупно 130 лица се тестирани во националната референтна лабораторија на Институтот Торлак, која ги исполнува критериумите за дефинирање на заболени од тој вирус.

Од седумте нови случаи, пет се поврзани со две жени за кои се покажа дека се позитивни по директен контакт со државјанин на странска земја додека останатите два случаи беа потврдени по нивни престој и контакти со лица во странство – во Италија и Германија.

Србија вчера воведе мерка за забрана на влез на странски државјани кои доаѓаат од критичните подрачја. Синоќа од границата биле вратени 50-тина патници.

Директорот на Инфективната клиника, објасни дека пациентите кои немаат тежок облик на болеста добиваат поддржана терапија, лекови за симнување на температурата, а ако се појават први знаци за бактериска инфекција добиваат и антибиотик. Постојат и експериментални протоколи кои се применуваат кај живото загрозените пациенти, но засега такви во Србија нема, велат од Инфективната клиника.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ