Сите 27 членки на ЕУ пријавија заболени од КОВИД 19

Епидемијата од корона вирусот агресивно се шири во европските земји. Официјaлeн Брисел денеска потврди дека во сите земји членки на унијата регистрирани се заболени од КОВИД 19, што директно влијае на животите на луѓето и економиите. Но, се апелира да се почитуваат превентивните мерки за да се забави ширењето на болеста.

  • Земјите членки мора да се фокусираат на напорите агресивно да го спречат вирусот, таму каде има неколку случаи. Забавувањето на вирусот мора да е приоритет, со цел да се добие на време здравствените системи да функционираат ефикасно да напредуваат во истражувањето и развојот, изјави Стела Киријакидис, ЕУ комесар за здравство.

Италија од денеска е под клуч, откако синоќа премиерот Конте прогласи „црвена зона“ на ниво на цела држава. Нема излегување од дома, само ако немате итна потреба.

  • Сега е вистинско време да се остане дома. Нашата иднина, иднината на Италија е во наши раце. И тие мора да се одговорни, денеска повеќе од кога било. Секој треба да си ја одигра улогата, порача италијанскиот премиер Џузепе Конте.

Луѓето цела ноќ чекаа пред продавниците да ги наполнат кошниците за долгиот карантин. Улиците на Рим денеска се празни. Со над 9 илјади заболени и 463 починати, италијанските доктори велат дека ситуацијата е страшна, нема кревети, а секој респиратор вреди злато.

Речиси сите европски земји го сопреа авиосообраќајот кон Италија. СЗО продолжува да инсистира на превентивните мерки. Уверени се дека истите помагаат да се спречи ширењето на вирусот. Но, се е до свеста на општеството.

  • Можеме да го видиме светлото на крајот на тунелот, апсолутно. Но, колку брзо ќе стасаме до таму, зависи од она што ќе го направат државите, порача д-р Мариа Ван Керков, од СЗО.

Токму ригорзните мерки кои Кина ги презеде помогнаа да се намали ширењето на вирусот, и денеска е пријавен најмал број на заболени од оваа земја, вкупно 19. Ова е доказ и дека најголем број од оние кои ќе се разболат ќе бидат излекувани. Европа е на самиот почеток од епидемијата, и следните 12 недели ќе бидат најкритични. Грција затвори 80 училишта, откако утрово регистрираа нови случаи, и вкупниот број е 89, Србија има 4 заболени, и го забрани влезот на странски државјани. Во Албанија се ресгистрирани шест инфицирани и тука е затворен поморскиот и авиосообраќајот со Италија и дел од училиштата.

Според најновата студија, симптомите се развиваат во просек за пет дена. Се вели дека ако човек нема симптоми до 12 дена, тогаш нема да се разболи, но може да е преносител. Па така самоизолацијата од 14 дена е сосема логична.

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ