Турција распоредува илјада специјалци на границата со Грција

Турција распоредува 1.000 специјалци долж границата со Грција во обид да го спречи враќањето на мигрантите кон нејзината територија, соопшти министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу. Десетици илјади мигранти се наоѓаат во меѓуграничниот простор на копнената граница меѓу Грција и Турција и изминативе денови неколку пати се обидоа да ја пробијат оградата. Грчката полиција употреби солзавец, водени топови и шок бомби за да ги одврати, но истото го направи и турската полиција од другата страна за да ги спечи да се вратат на нејзина територија. За разлика од претходните денови денеска е мирно.

Денеска е нешто невидено. По повеќе од недела дена гледајќи ја толпата како се обидува да ја пробие оградата а војската и полицијата како ги туркаат назад, денеска никој не се појави. Никој не помина низ селото, преку реката или преку границата денеска, изјави Панајотис Филипидес, жител на Неа Виса.

Според грчката влада откако Труција ги пушти мигрантите минатата недела до сега бил спречен нелегален влез во земјата во 34.778 случаи. Атина и Брисел го обвинија Ердоган дека ги користи мигрантите за политички цели, но Анкара тврди дека повеќе не може да се грижи за 3,7-те милиони бегалци на нејзина територија и уште дополнителниот милион кој чека влез на јужната граница поради борбите во Идлиб. Труската армија и сириските владини сили на режимот на Башар Ал Асад, подржан од Русија, се судрија по сирискиот воздушен напад во кој загинаа 33 турски војници. Токму поради тоа Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин се сретнаа денеска во Москва каде договорија примирје кое стапува на сила ноќеска на полноќ.

Без сомнение денешната средба и разговорите за Идлиб се од големо значење. Всушност ситуацијата во регионот е високо тензична. Знам дека вниманието на светот е свртено кон нас, рече Ердоган.

Европските челници ја посетија Грција и границата со Турција, ветувајќи и на Атина финансиска и материјална помош во справувањето со мигрантскиот бран. Претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен ја нарече Грција „Европскиот штит“ а ФРОНТЕКС планира испраќање на дополнителни агенти и опрема за да и помогне на грчката полиција.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ