Ердоган повтори дека бегалците се слободни да заминат кон Европа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по синоќешната средба со бугарскиот премиер, Бојко Борисов во Анкара, ја повтори својата одлука за укинување на ограничувањето на движењето на мигрантите и бегалците кои сакаат да се упатат кон Европа.

Бегалците и мигрантите се слободни да заминат без разлика каде се наоѓаат и да се упатат каде и да сакаат.

Одлуката на Анкара претставува драматично повлекување од договорот со ЕУ со кој бегалците беа задржувани во Турција во големи кампови а за возврат Анкара добиваше значајна финансиска помош.

Ердоган, во чија држава се сместени повеќе од 3,5 милиони бегалци од Сирија, бараше поголема помош од официјален Брисел за својот план за релоцирање на овие луѓе во ткн безбедносни зони во регионите во Сирија каде нема вооружени судири. Тој повтори и дека по ескалацијата на судирите во јужна Сирија, повеќе од 1,5 милион луѓе од регионот околу Идлиб, ги напуштиле своите домови и бараат спас во Турција.

Илјадници луѓе се обидуваат да влезат во Грција преку копнената граница со Турција. Властите во Атина потврдија дека нема да дозволат нивната држава да биде преплавена од огромен бран бегалци.

Ердоган жестоко ја критикуваше Европската Унија заради поддршката на Грција, која според него е одговорна за прекршување на конвенцијата за човекови права, затоа што убила двајца мигранти кои сакале да влезат на територијата на нашиот јужен сосед.

Додека ги игнорира безбедносните грижи на Турција, Европската Унија ја поддржува Грција која презема мерки кои предизвикуваат смрт, со кои се нарушува конвенцијата од Женева од 1951-та година и Европската Конвенција за човекови права.

Турција не може да држи лекции за меѓународно право и човекови права, реагираше грчкото министерство за надворешни работи, обвинувајќи го Ердоган дека ги користи луѓето како алатка за рушење ѕидови и шири лажни вести. Грчките власти тврдат дека спречиле повеќе од 24 000 обиди за илегално преминување на копнената граница со Турција , при што биле уапсени 183 луѓе, од кои малкумина се од Сирија.

Во посета на грчко-турската граница кај Еврос денеска ќе пристигне и висока европска делегација, предводена од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на ЕК, Урусла Фон дер Лајен.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ