
Мицотакис, Мишел, Сасоли ,фон дер Лајен, Схинас, Пленковиќ и Божиновиќ денеска во посета на Еврос
Претседателот на Европскиот совет Шар Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, како и потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, премиерот на Хрватска Андреј Пленкович и хрватскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, придружувани од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска ќе ја посетат грчко –турската граница кај Еврос, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалната програма, по пристигнувањето во Александруполи, со хеликоптер ќе надлетаат над копнената граница со Турција, потоа ќе бидат информирани за ситуацијата од началникот на Генералштабот на грчката армија, по што ќе следи и прес конференција, а неколкучасовната посета ќе ја завршат со вечера приредена од грчкиот премиер.
Посетата на Еврос ја коментираше Мицотакис на официјалниот „Твитер“ профил.
„Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, ќе бидат на грчко –турската копнена граница заедно со Шар Мишел и со мене. Важна изјава на поддршка од сите три институции во време кога Грција успешно ги брани ЕУ границите“, напиша вчера грчкиот премиер на „Твитер“.
За ситуацијата на грчко – турските копнени и морски граници, премиерот на Грција, во телефонски разговор го информираше претседателот на САД, Доналд Трамп.
Како што соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис „го истакнал неотуѓивото право на земјата да ги брани своите граници“.
-Претседателот Трамп го призна правото на Грција да ги спроведе законите на нејзините граници, соопштија од кабинетот на Мицотакис.
Грчки владини извори, вчера брифираа дека од саботата во шест часот наутро до 18 часот вчера попладне спречени биле 24.203 обиди за нелегален влез во Грција, а уапсени се 183 лица.
За дел од уапсените веќе е донесена пресуда за нелегален влез во земјата, обвинети се на четири години затвор и парична казна од 10 илјади евра за секој од нив.
Уапсените кои сѐ уште не се изведени пред суд се префрлени во центри за притвор на мигранти.
Во однос на вчерашниот ден, според истите извори, за 12 часа, биле спречен нелегален влез во Грција за 4354 лица, а биле уапсени 42 мигранти, во главно од Авганистан, Пакистан и Мароко.