Препораки од британските власти за жителите на Салсбури по труењето на Скрипал

Британските власти излегоа со препораки за сите посетители на пабот и ресторанот во Салсбури, во кои беше извршено труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Траги од нервниот агент искористен во труењето, беа пронајдени и во двата локали, како и на клупата на која колабираа. Станува збор за околу 500 посетители и случајни минувачи во непосредната околина на трговскиот центар, во кој се наоѓаат двата локали. Властите им препорачаа како да ја деконтаминираат својата облека, чевли, мобилни телефони и накит, во случај и тие да биле изложени на нервниот агент.

„Ова е непријатност, но повеќе од тоа мислам дека е тажно. Лично така се чуствувам. Постои страв, сретнав луѓе кои се загрижени“, вели жителката на Салсбури Су Боудер.

Двете жртви се се уште во критична состојба, но се стабилни. Во подобра здравствена состојба е и полицаецот кој преку нив исто така беше затруен. Пабот, ресторанот и клупата на која беа пронајдени таткото и ќерката Скрипал остануваат затворени. Британската влада тврди дека станува збор за обемна истрага, за чие комплетирање ќе биде потребно повеќе време.

„Повеќе од 250 полицјаци од контратерористичката полиција се вклучени, од дури 8 од 11-те противтерористички единици. Имаме повеќе од 200 сведоци и над 240 парчиња докази. Затоа мораме да и дадеме на полицијата и сите истражни органи простор да го сработат тоа“, вели министерката за внатрешни, Амбер Руд.

Споредби со случајот на Литвиненко од 2006-та година се појавија веднаш по објавувањето на идентитетот на жртвите. Во јавноста зборуваше и сопругата на Литвиненко, која ги обвини британските власти дека не си ја научиле лекцијата по убиството на нејзиниот сопруг, за кое и по 12 години се уште никој не одговарал. Министерката за внатрешни работи пак тврди дека владата ги користи сите можни ресурси во расчистување на случајот Скрипал.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ