
Епидемијата на новиот коронавирус се заканува да премине во пандемија
Се поголемиот број заразени со новиот корона вирус надвор од Кина ги зголемува ставовите дека светот го очекува пандемија. Кина се уште има најмногу инфицирани и починати, но се поголем е бројот на заразени во Јужна Кореја, Италија и Иран. Околу 77.000 се заразени во Кина од кои 2.600 починаа, но дури 1.200 случаи има во други 26 земји. Авганистан, Кувајт и Бахреин денеска ги пријавија првите инфицирани, и во трите случаи станува збор за патници кои се вратиле од Иран. Официјалните податоци од Иран покажуваат најмалку 61 заразен од кои 12 веќе починаа, што ја поттикна Турција веднаш да презеде мерки.
Според одлуката на научната комисија во рамки на нашето министеството потребни се дополнителни мерки за да се намали активноста на границата. Поради ескалацијата на ситуацијата во Иран, одлучивме привремено да ги затвориме границите, порача турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.
На Европско тло Италија е најпогодена со 160 заразени и најмалку 4 смртни случаи. Дел од европските земји почнаа да преземаат мерки. Италијански воз со часови беше запрен на границата со Австрија поради две германски државјанки за кои постоело сомнеж дека се заразени. Италија во регионите Ломбардија и Венето спроведува мерки слични како кинеските, што пак од друга страна предизвика паника кај голем дел од европското население.
Мерките кои ги преземаме и кои ќе ги преземеме во следните 7 до 14 денови, ги повикуваме луѓето да останат во своите домови, покрај затварањето на местата кои очигледно се попосетени, во обид да ограничиме овој феномен, за кој се уште не знаеме многу и кој не е особено агресивен но се пренесува брзо и ако државата успее да го стави под контрола сигурно ќе биде подобро за сите, вели Џулио Галера, здравствен советник на Ломбардија.
Поради се поголемата паника Европската комисија побара секоја одлука да се заснова на научни докази.
Од блиску го следевме развојот на настаните во текот на викендот во Италија и овој брз развој на настаните во текот на викондот покажува колку бргу се менуваат работите, изјави Стела Кириакидис, комесар за здравство и безбедност на храна.
Здравствено-безбедносниот комитет на ЕК ќе одржи седница на која ќе се разгледуваат последните случувања и по која ќе објават дали се планираат нови мерки или нови препораки до земјите членки.
Според последните податоци, на глобално ниво досега починаа 2.619 лица, а заразени се повеќе од 79.000.
Игор Трајков