
Хронично болните и повозрасните луѓе најзагрозени од коронавирусот
Здравствените служби во Кина ги обелоденија првите детали за повеќе од 70 000 случаи на луѓе болни со коронавирусот, Ковид 19, во досега најголемата студија објавена по избувнувањето на епидемијата.
Податоците од кинескиот центар за контрола на болестите и превенција, утврди дека повеќе од 80% од случаите биле со слаб интензитет, при што најзагрозени се луѓето со хронични болести и повозрасните лица. Студијата открила и дека вирусот кој го доби името Ковид 19 не е толку смртоносен како останатите коронавируси, САРС и МЕРС.
“Повеќе од 80% од пациентите имаат благи симптоми и се опоравуваат. Во околу 14% од случаите, вирусот може да предизвика тешка болести, вклучувајќи пневмонија и тешкотии во дишењето а кај околу 5% од пациентите има тешки болести, вклучувајќи и респираторен колапс, септички шок и откажување на органите. Во околу 2% од пријавените случаи, вирусот е фатален и ризикот од смртен исход е поголем, колку луѓето се постари” – изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом.
Истражувањето исто така утврдило дека вирусот претставува голем ризик за здравствените работници. Како потврда на овој факт, кинеските медиуми пренесоа дека 51-годишниот директор на една од болниците во Вухан, каде е епицентарот на епидемијата, починал од вирусот.
Во провинцијата Хубеи, каде е градот Вухан, смртоносниот биланс изнесува 2,9% споредено со 0,4 во остатокот од земјата. Според последните официјални податоци на кинеските власти, досега од вирусот починале 1 868 луѓе а вкупно се потврдени 72 436 случаи.
Студијата на кинеските власти подвлекол и дека врвот на епидемијата и растот на бројот на случаите бил во периодот од 23-26 Јануари, пред да започне да се намалува заклучно со 11-ти Февруари. Истовремено, изолацијата на цели градови каде се ширела епидемијата придонела за ограничување на епидемијата, иако се предупредува дека враќањето на голем број луѓе по крајот на празниците, може да претставува нова опасност за ширење на вирусот.
Никола Илиевски