Берни Сандерс победи на внатрепартиските избори во Демократската партија во Њу Хемпшир

Сенаторот од малата американска држава, Вермонт, лидер на прогресивната политика во САД, Берни Сандерс, победи во гласањето во внатрепартиските избори во Демократската партија во Њу Хемпшир.

Сандерс освои 26% од гласовите, пред Пит Бутуџиџ, 38 годишен поранешен градоначалник на малиот град во Индијана, Саут Бенд, за кого гласаа 24,4 % од граѓаните.

Ова е почеток на крајот на Трамп, објави Сандерс, подвлекувајќи ги клучните политички разлики со неговите ривали меѓу демократите. Сандерс во американските корпоративни медиуми има етикета на радикален левичар, иако неговата политичка платформа во речиси сите модерни западни држави е општоприфатена и применета.

  • Сакаме јасно да кажеме дека во оваа кампања, ние се спротиставуваме на милијардерите и на кандидатите кои се финансирани од милијардерите. Но ќе победиме затоа што имаме агенда која зборува за потребните на работните луѓе во целата држава. Здравствената заштита е човеково право а не привилегија! Богатите и моќните конечно ќе почнат да плаќаат фер дел на даноците. Јавните колеџи и универзитети ќе ги ослободиме од школарина и ќе го откажеме целиот студентски долг, порача Сандерс.

Зад Сандерс се пласираа двајца кандидати со поконзервативен пристап, Бутиџиџ и сенаторката од Минесота, Ејми Клобушар, која оствари подобар резултат од сите предвидувања. Најголемо разочарување на синоќешното гласање беа сенаторката од Масачусец, Елизабет Ворен, која заврши на четвртото место и поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, довчерашен најголем фаворит на изборите, кој по дебаклот во Ајова сега се соочува со голем проблем во продолжението од кампањата.

  • Проблемот на Џо Бајден е дека неговиот главен аргумент е дека тој е кандидатот кој најлесно може да победи, но по втор пат тоа не се случува. Не само што не победи, тој се пласираше далеку под очекувањата. Сега има сериозен предизвик пред него, во смисла да ги убеди своите донатори да праќаат чекови на неговата кампања, но и да ги убеди своите подржувачи во државите кои следуваат да останат на негова страна, смета Џули Пејс, шеф на бирото на АП во Вашингтон

Добра вест за Сандерс е и фактот дека за разлика од Буџиџ и Клобушар, тој ужива висока поддршка и од афро-американците, латино гласачите и американците од азиско потекло, што е клучно за Невада, Јужна Каролина кои следни ќе го бираат кандидатот кој ќе му се спротистави на Доналд Трамп на претседателските избори во Ноември.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ