
Наследничката на Меркел се повлекува, почнува нова трка за лидер на ЦДУ
Назначената наследничка на Мекрел, Анегрет Крамп-Каренбауер, предизвика криза во владејачката партија со неочекуваната оставка, во момент кога партијата се бори да ги зачува конзервативните гласови кои се повеќе се вртат кон крајната десница и Алтернатива за Германија.
Таа требаше да ја води партијата на изборите идната година, но со нејзиното повлекување сега започнува внатрепартиската трка за нов лидер. Канцеларката и покрај развојот на настаните нема намера повторно да се кандидира.
„Прво во октомври 2017, не 2016, кога канцеларката објави дека се откажува и нема да продолжи по крајот на четвртиот мандат, јасно рече дека нема да бара никаква политичка функција после тоа. Нема ништо ново во поглед на тоа, сегашната ситуација е таа.“ , вели Стефан Сејберт, портпарол на Ангела Меркел
Оставката на Каренбауер следуваше откако минатата недела регионалните пратеници на Христијанско демократската унија гласаа заедно со пратениците на Алтернатива за Германија против левичарскиот кандидат во сојузната држава Тирингија, спротивно на насоките од Берлин.
„За ЦДУ во Германија и ЦДУ во Тирингија исто така се уште важи дека нема да има соработка со Алтернатива за Германија, директно или индиректно.“ – оценува лидерката на ЦДУ, Анегрет Крамп Каренбауер
Голем дел од владејачките демохристијани се лути поради развојот на ситуацијата во Тирингија и соработката со екстремистите, за какви што ги сметаат Алтернатива за Германија.
Внатрепартиската криза во ЦДУ може да се прелее и во сојузната влада, во која коалициониот партнер Социјалдемократите може да ја напушти владата, зголемувајќи ги шансите за предвремени избори.
По оставката на Каренбауер, првите имиња како можни лидери на партијата се министерот за здравство Јенс Спан и Фридрих Мерц, кои и беа противкандидати на Каренбауер на внатрепартиските избори.
Друг можен кандидат за наследник е и Армин Лашет, гувернерот на најнаселената сојузна држава Северна Рајна Вестфалија.
Игор Трајков