
Коронавирусот досега усмрти повеќе луѓе од вирусот САРС
Бројот на смртни случаи од коронавирусот го надмина бројот на смртни случаи од епидемијата САРС во 2003-тата година.
Само во кинеската провинција Хубеи, епицентарот на епидемијата, досега починале 780 луѓе, потврдија регионалните здравствени служби.
Досега има вкупно 813 смртни случаи а само 2 се надвор од границите на Кина.
2003-тата година, 774 луѓе починаа од вирусот САРС во повеќе од 20 земји.
Најголем дел од новите, потврдени случаи на луѓе болни од коронавирусот се исто така регистрирани во Кина.
“Во сите провинции и региони досега има 33 738 потврдени случаи во изолација, од кои 6 188 се во тешка ситуација. Вкупно имаме 2 649 излекувани луѓе и 811 смртни случаи. Вкупниот број на потврдени случаи се 37 198 луѓе. Сега имаме 28 942 осомничени случаи а утврдивме и 371 905 контакти со луѓе” – изјави Ми Фенг, портпарол на здравствената комисија.
Кинеските здравствени власти сепак подвлекоа дека намалениот број на нови случаи во последните 24 часа за 20 % во однос на претходниот ден е добар знак дека се намалува ширењето на епидемијата и уште поважно дека механизмите и мерките за превенција и контрола кои ги спровеле кинеските власти – го даваат посакуваниот резултат.
Шефот на СЗО, Тедрос Адханом исто така потврди дека вирусот се уште е претежно фокусиран во провинцијата Хубеи, додавајќи сепак е премногу рано да се каже дека епидемијата го достигнала својот врв. Кинеските власти го продолжија и рокот до кој училиштата во провинцијата Хебеи ќе бидат затворени, до 1-ви Март.
Во меѓувреме, во Хонг Конг, на патниците на крузерот “Светски сон” им беше дозволено да го напуштат бродот, откако тестовите утврдиле дека кај ниту еден од нив или членовите на екипажот не е потврдено присуство на вирусот.
На вториот крузер “Дијамантна принцеза”, кој е под карантин во Јокохама, Јапонија, каде има и тројца македонски граѓани, биле регистрирани 6 нови случаи меѓу 3 700-тините патници и членови на екипажот.
Во Хонг Конг вчера беше прогласен и двонеделен задолжителен карантин за сите посетители од Кина. Луѓето ќе мора да останат во своите хотелски соби или специјалните центри формирани од властите или ќе се соочат со парични и затворски казни.
Никола Илиевски