Хонг Конг започна со задолжителен карантин за посетителите од Кина

Властите во Хонг Конг започнаа со задолжителниот двонеделен карантин за сите луѓе кои доаѓаат од Кина, во нов обид да се ограничи ширењето на смртоносниот коронавирус. Во Хонг Конг досега се потврдени 26 случаи на заболени од коронавирусот. Десетици илјади луѓе побрзаа да влезат во градот пред да стапат на сила новите мерки, но денеска само мал број луѓе влегуваат во Хонг Конг преку преминот во Шенжен.

“Поминав низ регуларната процедура, која ја бараат законите на Хонг Конг.

Како ве проверија?

На тој начин што ми ја мереа температурата, пополнував формулари и ми поставија одредени прашања” – вели една жителка на Шенжен.

Посетителите ќе мора да се изолираат себеси во хотелските соби или во специјалните центри кои ги водат властите. Секое лице за кое ќе биде утврдено дека не ги почитува овие правила ќе се соочи со висока парична но и потенцијална затворска казна.

Во меѓувреме, властите во Кина, соопштија дека досега има 722 смртни случаи, меѓу кои и еден американец и јапонец.

60 годишниот американски државјанин, прв потврден случај на жртва која не е кинески граѓанин, починал во една болница во Вухан, епицентар на епидемијата, потврди американската амбасада во Пекинг. Кинеските власти отворија уште една импровизирана болница по избувнувањето на епидемијата, која исто така беше изградена за 2 недели и во која ќе може да се сместат 1500-тини пациенти.

Светската здравствена организација потврди дека надвор од границите на Кина, коронавирусот досега се проширил во 24 други држави, каде има еден смртен случај. Експертите подвлекуваат дека добра вест е дека најголем дел од случаите се со поблаги симптоми.

“Тоа што можам да ви кажам е дека генерално, досега ги видовме податоците за околу 1700, извинете за 17 000 случаи, од кои најголем дел, 82% се со благи симптоми, 15% се потешки а 3% од нив се класифицирани како критични” – Марија ван Керков.

Во меѓувреме, на крузерот кој е под карантин во пристаништето во јапонскиот град Јокохама, каде се наоѓаат и тројца македонски државјани, потврдени се случаи на уште 3 заболени лица, со што вкупниот број на болни од коронавирусот се искачи на 64. Вкупно 3 700 –тини луѓе се во карантин на бродот “Дијамантна принцеза” во Јокохама, откако кај еден човек кој се симнал во Хонг Конг бил дијагностициран вирусот.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ