
Бутиџиџ води во Ајова, пред Сандерс и Ворен
По фијаското на завчерашните избори во Ајова, Демократската партија денеска објави делумни резултати, според кои Пит Бутиџиџ е во тесно водство. Од 71 процент обработени места, процент до кој Демократската партија стигна по два денови пребројување, Бутиџиџ води со 26,8 проценти пред Берни Сандерс со 25,2 и Елизабет Ворен со 18,4. Поранешниот потпретседател Џо Бајден е на четвртото место со 15,4, по него доаѓа Ејми Клобучар со 12,6. Останатите тројца кандидати се околу 1 процент.
Резултатите се се уште некомплетни и поради тоа Демократската партија за сега се воздржува со објавувањето на победникот. Но тоа не го спречи Бутиџиџ уште истата вечер на гласањето да прогласи победа.
Сандерс го критикуваше младиот соперник поради дрскоста да се прогласи за победник, но рече дека се уште нема причини да се сомнева во веродостојноста на резултатите.
Не разбирам како некој може да прогласи победа пред да ги имаме официјалните резултати, ниту ние не прогласуваме победа, рече Сандерс.
Фијаското со пребројувањето на гласовите предизвика повици во американската јавност Ајова, која е горда на својот статус како првата држава која гласа, да и биде одземена таа привилегија.
Претседателот на деморкатите во Ајова Трој Прајс, се извини за тоа како беше спроведено броењето на гласовите, за кое рече дека било едноставно неприфатливо.