Различни приоди во Лондон и Брисел за преговорите за трговските односи

Британскиот премиер, Борис Џонсон, ја претстави својата визија за трговскиот договор со ЕУ, подвлекувајќи дека нема потреба Обед.Кралство да ги следи правилата на Брисел.

Џонсон повика на договор за слободна трговија по примерот на Канада додавајќи дека Велика Британија ќе се врати на договорот за напушање на унијата, доколку не биде постигнат таков договор.

  • Нема потреба договорот за слободна трговија да вклучува прифаќање на правилата на ЕУ за конкуренцијата, политиката на субвенции, социјална заштита, животната средина или нешто слично. Исто така ЕУ нема обврска да ги прифаќа правилата на Обединетото Кралство. Ние ќе ги задржиме највисоките стандарди во овие области кои во многу аспекти се подобри од тие на ЕУ, без да бидеме принудени на договор, вели Џонсон.

Според договорот меѓу ЕУ и Канада, тарифите за увоз на најголем дел од производите се укинати, иако се уште има царини и проверки за платен ДДВ. Слободниот тек на другите услуги, како банкарските, што е многу поважно за Обединетото Кралство, меѓу Канада и и ЕУ е многу поограничен. Џонсон ги отфрли и анализите дека евентуалното напуштање на ЕУ без сеопфатен договор за трговија би значел загуба на голем број работни места и економска загуба за малите бизниси.

Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, во говорот во Брисел, понуди поинаква визија од таа на Џонсон. Тој изрази подготвеност за амбициозен трговски договор како темел на партнерството, со кој Британија ќе има слободен пристап без тарифи и квоти на европскиот пазар од 450 милиони луѓе, но ќе вклучува и гаранции за отворена и фер конкуренција.

  • Ние веќе претходно се согласивме со Премиерот Џонсон дека нашите идно партнерство ќе ја спречи секоја нефер компетитивна предност. Сега останува да се договориме за специфичните и ефективни гаранции со кои ќе обезбедиме еднакво поле за натпревар на долг рок. Тоа значи механизми за зачувување на високите стандарди кои ги имаме во социјалните, еколошките, климатските, даночните прашања и државната помош, денеска но и во иднината, изјави Барние.

Трговските преговори меѓу Британија и ЕУ ќе започнат во Март и пристапот на официјален Брисел во преговорите треба да биде одобрен од сите 27 членки на унијата. Иако Обединетото Кралство формално ја напушти ЕУ во петок, се уште е обврзано да ги почитува европските правила во текот на транзицискиот период кој ќе трае до Декември.

 

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ