Светот во шок по трагичната смрт на Коби Брајант и неговата 13 годишна ќерка

Еден од најголемите кошаркари на сите времиња, Коби Брајант и неговата ќерка Џиана се меѓу 9-те луѓе кои ги загубија животите во хеликоптерската несреќа во близина на градот Калабасас, во американската сојузна држава, Калифорнија.

41-годишниот Коби и 13 годишната Џиана, патувале со приватен хеликоптер кој се урнал и изгорел. Нема преживеани во несреќата, потврди полицијата.

Властит го изолирале теренот каде се случила трагедијата, блокирајќи ги приодите.

Иако официјалната истрага треба да ги утврди сите детали, надлежните потврдуваат дека видливоста во овој регион била исклучително лоша и непогодна за лет со хеликоптер.

Знаеме дека имаше проблем со видливоста и спуштени облаци. Во однос на условите во моментот на несреќата, тоа секако треба да се утврди и тоа ќе го направиме набргу со бордот за безбедност во транспортот, изјави Алекс Вилануева од канцеларија на шерифот на Лос Анџелес.

Информацијата дека хеликоптерот летал многу ниско ја потврдија и луѓето кои биле во регионот во кој се случи трагедијата.

Јас пиев кафе покрај мојот автомобил тука, слушнав врева, како хеликоптер да има проблеми, затоа што моторот не работеше како што треба. Беше многу ниско…имав повик, зборував со еден пријател и тогаш ја слушнав експлозијата, изјави очевидец.

Коби Брајант, во текот на својата исклучителна 20-годишна кариера играше само за Лос Анџелес Лејкерс и заедно со Шекил О’Нил формираа еден од најубиствените тандеми во кошарката и спортот воопшто.  Брајант е петкратен шампион на лигата, а заради својот талент и способност да ја преземе одговорноста и да е најдобар кога е најтешко, го заслужи и прекарот „црната мамба”. Илјадници фанови на Брајант се собраа пред неговиот втор дом, Стејплс центарот, салата каде Коби ја создаваше својата легенда. Со солзи во очите, молитви тие се збогуваат од човекот кој ја одбележа кошарката на почетокот од овој век.

Како водечки тим од Лос Анџелес, Лејкерс секогаш беа омилени и кај филмската, музичката и шоу бизнис елитата во Холивуд. Неговото име постојано беше споменувано на синоќешното издание на Греми наградите, кое се одржа токму во Стејплс Центарот. Загубивме клучен дел од Лос Анџелес порачаа Алиша Кис, Бојз ту Мен,  Лизо, Аеросмит и РАН ДМС кои своите изведби ги посветија на Коби.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ