
Сенаторите си играат игри и дремат во текот на судењето на Трамп за импичмент
Повеќе американски сенатори се обвинети дека спијат, си играат игри и на други начини ги прекршуваат правилата во текот на судскиот процес против Трамп за импичмент во горниот дом на Конгресот.
Сенаторите Џим Риш и Џим Инхоф се меѓу членовите на Сенатот кои заспале во текот на долгите расправи.
Новинарите кои известуваат за процедурата, пренесуваат дека сенаторите решаваат крстозбори, си играат со играчки а си додаваат и најмалку еден авион направен од хартија.
Горниот дом на американскиот Конгрес со гордост се претставува како свет храм на демократијата, но некои од неговите членови, републиканци и демократи оваа недела се обвинети од американските медиуми дека се однесуваат како ученици на кои им е здодевно.
Деловникот за работата на Сенатот предвидува дека сенаторите не треба да ги напуштаат своите места додека трае судењето за импичмент на Претседателот, но најмалку 9 демократи и 22-ца републиканци во текот на вчерашниот ден ја напуштиле салата. Дел од нив давале и интервјуа за американските кабелски телевизии додека трае процесот.