
Кинеските власти го затворија јавниот превоз во Вухан поради ширењето на заразата
Кинеските власти привремено го прекинаа јавниот транспорт во Вухан, градот од каде потекна епидемијата со новиот коронавирус. На 11-те милиони жители на градот им беше препорачано да не го напуштаат градот за време на празниците во обид да се ограничи ширењето на епидемијата во која веќе 17 лица загинаа а над 500 се заразени.
Во меѓувреме по целодневни дискусии Светската здравствена организација одлучи да не прогласи меѓународна вонредна состојба. Експертите на СЗО посочија дека не гледаат причина за таков потег во оваа фаза, но сепак сметаат дека е неопходно денеска да продолжат дискусиите за прашањето во Женева.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека мерките што ги презема кинескиот град Вухан за спречување на ширењето на коронавирусот, покажуваат посветеност за намалување на ризикот на локално и меѓународно ниво.
Она што тие го преземаат е многу силна мерка и тоа го прават со целосна посветеност. Многу е значајно што тие преземаа активности за кои сметаат дека се соодветни со оглед на ситуацијата, изјави директорот на СЗО, Тедрос Аханом Гебрејесус. Ние им нагласивме дека со преземање на одлучна акција не само што ќе ја контролираат епидемијата во својата нивната земја, туку и ќе ги намалат шансите оваа епидемија да се прошири на меѓународен план. Тие го сфатија тоа, додаде тој.
Кинескиот град Вухан, во кој беа регистрирани првите случаи на новиот коронавирус, претходно одлучи да ги затвори сите сообраќајни и транспортни мрежи, а на граѓаните им беше советувано да не го напуштат градот.