Се шири короновирусот во Кина, шест починати и 300 инфицирани

Кинеските челници ги предупредија вработените во администрацијата да не го прикриваат ширењето на короновирусот, кој инфицираше 300 луѓе. Секој кој ќе сокрие нов случај ќе биде ставен на ѕидот на срамот за цел живот, предупреди политичкото тело за закон и ред. Предупредувањето доаѓа откако во текот на денот починаа уште две лица, со што бројот на жртви од мистериозниот вирус се зголеми на шест. Сите починати се од градот Вухан, во централниот дел на земјата, местото каде почна заразата.

Властите потврдија дека вирусот се шири од човек на човек, и е седмиот вирус од овој тип, вклучувајќи ги САРС и Мерс. Сите овие вируси потекнуваат од животни, но од кое животно произлегува новиот вирус се уште не се знае.

  • Според карактеристиките, новиот вирус не е ниту САРС, ниту МЕРС. Но има слична основа, откривме дека дивите животни можат да имаат клучна улога, направивме истражувања за да го откриеме изворот, соопшти Гао Фу, Директор на Центар за превенција од заразни болести во Кина

Фактот што кинеската влада соопшти дека вирусот се пренесува од човек на човек е лоша вест, сметаат здравствените научници.

 – Се надевавме дека вирусот нема да се пренесува од човек на човек, но по се изгледа дека се шири, но во најлошо време од годината, бидејќи се слави Кинеската Нова Година. Мислам дека со задржан здив ќе ги почекаме наредните неколку недели да видиме колку рапидно вирусот ќе се пренесува од човек на човек, вели Дерек Гатер од Универзитетот Ланкастер.

Ширењето на вирусот станува алармантно, откако Австралиец кој престојувал во градот Вухан, е ставен во карантин по своето враќање во Мелбурн, бидејќи имал слични симптоми на болеста, која кулминира со пневмонија. Неколку земји во светот веќе препорачаа контроли на аеродромите за луѓето кои се враќаат од Кина. Мерењето на телесната температура на патниците се правеше и за време на заразата со вирусот ебола. Тогаш, постапката беше од полза, но не може да биде и овојпат, тврдат научниците. Бидејќи, еболата се ширеше кога ќе се појават симптомите, но во случајот со новиот короновирус тоа не е така. Инфицираниот и без симптоми може да ја пренесе болеста.

СЗО планира да прогласи состојба на меѓународна опасност за јавното здравје – исто како што беше со свинскиот грип и еболата. Оваа одлука ќе ја донесе на вонредниот состанок утре.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ