
Трамп: Нема загинати американски војници, Иран се повлекува
Се додека јас сум претседател на САД, на Иран никогаш нема да му дозволам да развие нуклеарно оружје.
На овој начин, Доналд Трамп ја започна денешната долгоочекувана прес-конференција, по ракетниот напад со 15 проектили кој Иран го изведе против две ирачки бази во кои се сместени и американски војници, како одмазда за атентатот на иранскиот генерал Касим Сулејмани, командант на елитните сили Кудс.
Трамп беше невообичаено тивок и на твитер во текот на минатата ноќ, но денеска ја информираше јавноста дека се е во ред и нема загинати или повредени американски војници во иранските ракетни напади.
Американскиот претседател, кој минатите денови се закануваше и со одмазднички напади против културното наследство на исламската република, денеска изрази задоволство заради, како што рече, повлекувањето на иранските сили.
“Се чини дека Иран се повлекува, што е добра работа за сите заинтересирани страни и многу добра работа за светот. Нема загуба на американски и ирачки животи заради мерките на претпазливост кои ги преземавме, нашите сили на теренот и системот за рано предупредување кој одлично ја заврши својата работа” –оцени американскиот претседател, Доналд Трамп.
Тој најави и дека неговата администрација ќе воведе дополнителни остри санкции против Иран. Трамп побара и од земјите кои се уште стојат зад договорот за нуклеарната програма на Иран, да ја повлечат својата поддршка.
Кризата во односите меѓу САД и Иран ескалираше откако Трамп одлучи унилатерално, и покрај противењето на европските партнери и Русија, да се повлече од договорот за нуклеарната програма на Иран.
До Трамп денеска од сите страни пристигнуваат апели за воздржаност и внимателно постапување по најновата ескалација со Иран.
Претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин објавија заедничка изјава со која ги повикаа и САД и Иран на воздржаност, оценувајќи дека продолжувањето на нападите ќе доведе до нов круг на нестабилност.
“Ја потенцираме нашата посветеност на намалувањето на тензиите и ги повикуваме сите страни на воздржаност, дискреција и приоритетна посветеност на дипломатијата” – порачуваат Путин и Ердоган.
Порака за воздржаност испрати и лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот и лојален поддржувач на Трамп, Мич Мекконел.
Според повеќе воени аналитичари, иако Иран вербално упатува жестоки закани кон САД и Трамп, начинот на кој бил изведен ракетниот напад и проектилите кои биле употребени, сугерираат дека раководството на исламската република се обидело по секоја цена да ги избегне можните човечки жртви.
Никола Илиевски