
Излезноста на изборите во Хрватска двојно поголема од првиот круг
Хравтите денеска бираат претседател или претседателка. Излезноста, според Државната Изборна Комисија, е двојно поголема од првиот круг. Медиумите јавуваат дека во Мостар е вистински сообраќаен хаос. Луѓето ги паркираат автомобилите на сред улица за да дојдат до гласачкото место. Речиси 4 милиони гласачи се надеваат на подобро време, кое ќе треба да го донесе идниот шеф на државата – социјалдемократот Зоран Милановиќ или кандидатката на ХДЗ и актуелна претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.
- Ќе биде најдобро малиот човек да почне подобре да живее…Колку тие можат, тој или таа, да сторат нешто…тоа би било добро…
- Ќе биде тесно. Сакам да победи подобриот. Оној кој ќе ја води државата да биде самостојна и модерна..да бидеме сите посреќни и позадоволни.
Актуелната претседателка се надева на нов петгодишен мандат.
- Денеска одлучуваме каква Хрватска ќе имаме во следните неколку години. Заедно ќе ја градиме Хрватска која ќе биде просперитена, во која ќе градиме подобро општество во кое сите ќе биде поодговорни. Хрватска која ќе гледа напред, а не назад, порача Грабар Китаровиќ.
Изборите течат мирно, се до 10.30 часот, кога гласаше кандидатот Милановиќ. Непознат човек имаше вербален инцидент со него. Го нарече комуњара, и не сакаше да се поздрави со него.
- Ве лаже, а на крај се откри дека е комуњара. Еве го, бирајте го, бирајте го. Еве ви го.
- Од каде си другар? Еве ти рака.
- Не ми треба вашата рака. Зошто?! Ни на претседателката не и пружи рака.
За Милановиќ инцидентот не е случаен.
- Значи јасно ви е дека не е случајно. Испартен е, но предоцна е. Изборен молк е, па ќе пренесете што можете. Вакви хулагани не можат да ме извадат од такт. Тоа го трпам и со тоа живеам веќе 20 години. Нема врска, ова е слободна земја, денот е убав, земи воздух и излезете на избори, изјави Милановиќ.
Поранешниот премиер рече дека не се плаши од пораз, но уверен е дека ќе победи. Сиромаштијата и отселувањето на младите луѓе ќе бидат приоритети на новиот претседател. Последните анкети покажуваат дека ќе биде тесна разликата меѓу двајцата кандидати, па победата е тешко предвидлива. Сепак, таа ќе зависи од гласачите на независниот кандидат Мирослав Шкоро. Аналитичарите сметаат дека тие ќе се прелеат на конто на Грабар Китаровиќ. За кандидатката на конзервативната ХДЗ, одржувањето на претседателството е важно бидејќи нејзината влада во следните шест месеци ќе претседава со ЕУ. Под нејзино водство ќе се решаваат прашањето за Брегзитот, а Македонија и Албанија од Хрватска, очекуваат помош во заживување на изгледите за проширување на ЕУ. Самата Хрватска се надева дека ќе пристапи наскоро во безграничната Шенген зона на Европа и ќе ја воведе валутата на еврото.
Алиса Шутиноска