
САД извршија атентат врз најмоќниот ирански воен командант
Нова драматична ескалација на тензиите меѓу соединетите американски држави и Иран, откако најмоќниот ирански воен командант, генералот Касим Сулејмани, беше убиен во американски напад со дрон во Ирак. 62 годишниот воен командант ги предводеше иранските воени операции на Блискиот Исток како лидер на елитните ирански специјални сили Кудс.
Атентатот врз Касами беше изведен покрај аеродромот во Багдад а по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп. Покрај фотографиите од уништениот автомобил на Касами, беше објавена и видео снимка направена од случајни минувачи покрај аеродромот.
Касами се сметаше за вториот човек во хиерархијата на Иран, веднаш зад врховниот лидер , Ајатолахот Хамнеи.
Под неговото лидерство, Иран го засили Хезболах во Либан и директно ги помагаше останатите про-ирански милитантни групи во Ирак и Сирија.
Тесно соработуваше со режимот на Башар ал-Асад но имаше клучна улога и во борбата против Исламската држава.
“Неговото убиство секако ќе ги зголеми тензиите во регионот, затоа што ова не е само уште еден обичен командант или воен лидер. Ова е човекот кој може да биде сметан за број два во Иран, веднаш по Ајатолахот Озма Али Хамнеи, врховниот лидер и мислам дека тензиите се веќе присутни, затоа што ова е еден од нападите кој го соголова тоа што би го нарекол цивилизациски или културен миг. Во суштина, го носи американско-иранското ривалство до врв” – оцени професорот Узи Раби, од директорот на центарот за блискоисточни студии во Тел Авив.
Трамп, кој веста за атентатот на Касами ја слушна од својот голф клуб во Флорида, преку твитер само објави фотографија од американското знаме. Неговите критичари потсетија на серија негови објави на твитер пред 6 и 7 години, кога тврдел дека заради намалениот рејтинг Обама ќе го нападне Иран, барајќи од републиканците тоа да го спречат.
За САД, Касами и припадниците на специјалните сили Кудс се терористи и одговорни за смртта на повеќе стотици американски војници. Пентагон соопшти и дека Сулејмани подготвувал планови за напад против американски дипломати и војници во Ирак и низ целиот регион. Не беа објавени никакви докази за ова тврдење.
Клучното прашање сега е што ќе преземе Иран? Сите предвидуваат брза одмазда против американските интереси во регионот. Во Иран тридневна национална жалост,но и бес и закани против САД. На улиците на родното место на Касами и во други ирански градови излегоа илјадници луѓе. Во петочните молитви , верниците ја скандираа и познатата порака – смрт на америка.
“Ќе преземеме таква одмазда против нив, која нивните светли денови ќе ги претвори во темни ноќи” – се закани предводникот на петочните молитви.
Тензиите меѓу САД и Иран започнаа да се продлабочуваат откако Трамп унилатерално одлучи да се повлече од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма. Тој воведе и жестоки санкции против Иран, дури и за основните продукти.
Во текот на летото 2019-та , двете држави беа блиску до конфликт. Иранските сили соборија беспилотно летало над својата територија а Трамп во последен момент ја повлече наредбата за жестоки авионски напади како одмазда.
Никола Илиевски