
Илјадници демонстранти по улиците на Могадишу по смртоносните напади од ал-Шабаб
Илјадници демонстранти денеска излегоа на улиците на сомалиската престолнина Могадишу барајќи прекин на смртоносните исламистички терористички напади, пет дена по крвавиот бомбашки напад во градот кога загинаа повеќе од 80 лица, јави ДПА.
Некои од демонстрантите се собраа на местото каде во саботата беше извршен нападот, во кој бомба поставена во камион експлодира на фрекфентна крстосница во текот на утринскиот сообраќаен шпиц.
Исламистичката терористичка милиција ал-Шабаб ја презеде одговорноста за нападот, соопштувајќи дека нивна цел биле „двајца турски инженери“, потсети германската агенција.
-Нема да плачеме, туку подготвени сме да му возвратиме на непријателот, пред демонстрантите изјави градоначалникот на Могадишу, Омар Мохамуд Мохамед.
Некои од демонстрантите блокираа улици низ градот и поставија транспаренти на кои пишуваше: „Повеќе не можеме да ги прифатиме овие грозни дела на убивање на нашите браќа и сестри“.
Ал-Шабаб често пати за цел ги зема деловните објекти и продавниците, изнудувајќи пари и заплашувајќи им с ена сопствениците. Градоначалникот ги предупреди да не ги слушаат нивните барања за давање пари, објаснувајќи им дека со тоа им помагаат во финансирање на нападите во главниот град.
-Експлозиите ќе ги убијат вашите деца, иако им платите на терористите, им рече тој на демонстрантите. Ал-Шабаб, групата која е поврзана со меѓународната терористичка мрежа Ал Каеда, со години се бори за превласт во земјите од Рогот на Африка. Таа контролира големи области на југот и центарот на Сомалија и постојано ги напаѓа безбедносните сили и цивилите, потсетува ДПА.