Пеколниот оган во Австралија не стивнува- премиерот Морисон вербално нападнат од граѓаните

Источниот дел на Австралија е обвиткан во чад, небото е црвено, а низ густиот воздух морската шир е непрегледна. Огнениот пекол во нов Јужен Велс и Викторија е видлив и од вселената. Со враќање на високите температури над 40 степени целзиусови и силниот ветер состојбата ќе се влоши уште повеќе. Најмалку осум луѓе загинаа во Викторија оваа недела, во моментов горат повеќе од 200 пожари.

Во источната австралиска држава Нов Јужен Велс е прогласена вонредна состојба во траење од една недела како одговор на ескалацијата од пожари.

Премиерот Скот Морисон мораше да ја прекине посетата на еден град кој е погоден од пожар, откако беше вербално нападнат од разгневените жители.

Тој беше обвинет дека направил малку за да му помогне на Кобарго во Нов Јужен Велс, каде што две лица починаа оваа недела, а многу други ги загубија своите домови. Мештаните му порачаа на Морисон дека не е добредојден и нема да ги добие нивните гласови.

– Што со луѓето кои се сега мртви, г-не премиер? Што со луѓето кои нема каде да живеат?, го прашуваа граѓаните.

– Не сме добредојдени, е*** се.

– Ги разбирам многу силните чувства што луѓето ги имаат, тие изгубија сè. И, претстојат уште неколку опасни денови. И, ние го разбираме тоа и затоа ќе сториме сé што можеме за да им ја дадеме секоја поддршка што им е потребна, рече премиерот на Австралија Скот Морисон.

Илјадници луѓе бегаат од Нов Јужен Велс, во тек е најголемата преселба досега.

Во меѓувреме, спасувачите се подготвуваат да евакуираат околу 4.000 жители заробени од пожари во соседната држава Викторија. Дел од жителите заминуваат со бродот кој пристигна на брегот на Малакота, во близина на границата на Нов Јужен Велс. Властите им наредија на туристите да ја напуштат зоната 250 километри долж јужниот брег пред сабота т.н „опасен ден“. Бројни туристи поминаа две ноќи отсечени во места  без електрична енергија и комуникација со мали количини храна.

Во пожарите, кои започнаа во текот на последните четири месеци во 2019, изгореа над 4 милиони хектари земја, што е површина поголема од две Македонии. Проценките се дека ќе гори уште неколку месеци. За противпожарните служби ова е нешто невидено досега. Владата пак отфрла дека е ова последица на климатските промени.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ