Сенката на калабриската мафија се спушти врз Словачка

Сомнежите на колегите од порталот Актуалити на словачкиот новинар, Јан Куцијак, ладнокрвно убиен заедно со неговата девојка, дека зад егзекуцијата стои калабриската мафија „Ла Ндрангета“, се повеќе се потврдуваат.

Колегите почнаа со реконструкција на неговите истражувања, објавувајќи ги денес и последните, необјавени текстови на убиенот новинар.

Тоа што веднаш паѓа во очи е врската Италија – Словачка, поточно калабриската врска и тројца браќа со презиме кое е синоним за „Ла Ндрангета“, Себастијано, Антонино и Бруно Вадала. Словачката полиција прв пат ги регистрира во земјата во 2002 година. Доаѓаат од местото Бова Марина, оставајќи зад себе една долга и крвава меѓуклановска војна, попозната во жаргонот како „Фајда“, меѓу клановите Вадала и Де Лука. Минатата година италијанското обвинителство за антимафија, отвараат случај по името „Џери“, за шверц на кокаин на картел од 5 калабриски кланови. Антонино е именуван како главниот кокаински брокер, врската меѓу нарко картелот и калабрезите.

Трите браќа во Словачка почнуваат нов живот, заработуваат купишта пари, протнувајќи се како успешни бизнисмени во земјоделскиот и енергетскиот сектор.

Се додека не се појави Јан со своето истражување, кој доаѓа до опасно откритие – особено успешен испаѓа токму Антонино, кој станал корисник на европските фондови. Во словачкиот централен регистер стои фирма во сопственост на Антонино, каде дејноста на фирмата се менува почесто од годишните времиња. Недвижнини, услуги, човечки ресурси, маркетинг, чистење, земјоделство, енергетика, нема со што не се бави фирмата.  Секогаш базирана во истокот од земјата, секогаш во соработка луѓе од Калабрија.

Британскиот новинар Том Николсон, пријател на Јан ќе напише во својот текст:

„Јан беше премногу млад за да го доживее лично периодот од 90-тите години, кога со доаѓањето на демократијата, луѓето со добри врски, се однесуваат како бандити на приватизацијата, со скандалозно присвојување на националното богатство на Словачка во приватни раце. Во моментот кога Јан стана новинар, веќе немаше што да се краде“.

И токму затоа, единствениот криминал што останува и ги привлекува мафијашите, се даночните измами околу лажните продажби на движниот имот или измамите со структурните фондови на ЕУ. Криминален бизнис проценет на 11 милијарди евра помеѓу 2007 и 2013 година.

И тука Јан го открива пајакот, кој ќе ја расплете целата мрежа, во ликот на поранешната мисица и топлес модел, Мариа Трошкова. Антонино е бизнис партнер и има фирма заедно со Трошкова, „ГИА менаџмент“. Иако малда, Трошкова е голема ѕверка во словачката политика, веќе извикана во скандалот наречен „Горила фајлс“, од 2012 година, каде тајните служби откриваат врски меѓу мафијата и социјалдемократската партија на Словачка. Трошкова во тоа време работи во Министерството за економија, и ја отвара вратата која води до европските фондови.

4 години подоцна, контроверзната Трошкова стига до врвот на моќта, станувајќи личен советник на премиерот Роберт Фицо. Истиот Фицо, чии министри за внатрешни и финансии се вплеткани во бизнис со недвижнини и сомнежи за даночно затајување. Истиот тој Фицо кој сега нуди милион евра за пронаоѓање на убиецот на новинарот.

До тука стигнува последното истражување на младиот Јан, објавено од неговите колеги, кои најавуваат уште еден текст во наредните денови.

Тоа што убијците на Јан мислеа дека го спречат од објавување, сепак ја виде светлоста на денот.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ