
Конгресот му изгласа импичмент на Трамп
Американскиот Претседател Доналд Трамп беше отповикан од претставничкиот дом, со што стана третиот шеф на државата во историјата на САД кој бил формално обвинет за незаконско работење од долниот дом на Конгресот.
Гласањето за импичмент на Трамп се спроведе по 10-часовната жестока расправа.
Историското гласање се спроведе по партиски линии, демократите –за, републиканците –против, како што ја подели и државата, по обвинението дека 45-тиот американски претседател ја злоупотребил функцијата затоа што побарал помош од странска држава да спроведе истрага против еден од неговите потенцијални ривали на претседателските избори наредната година.
Само двајца демократи гласаа против .
- Во гласањето по оваа точка, за гласаа 230, против 197, ова е првата точка. Констатирам дека таа е усвоена.
Мнозинство од пратениците потоа ја усвоија и втората точка од постапката за импичмент, за опструкција на истрагата на Конгресот. Трамп гласањето за импичмент го коментираше од политички собир во сојузната држава Мичиген, каде пред преполна сала свои лојални следбеници жестоко ги критикуваше демократите.
- Вчера и испратив на Пелоси писмо во кое ја отфрлам и осудувам страшната злоупотреба на моќта на нејзината партија. За тоа зборуваме. Тие немаат ништо. Тие треба да бидат отповикани, секој еден од нив, реагираше Трамп.
Постапката за импичмент, што во политичка смисла се подразбира како обвинение за Претседателот, сега треба да продолжи во горниот дом на Конгресот , каде сенаторите ќе играат улога на поротници во судскиот процес против Трамп.
Сепак останува нејасно кога тоа ќе се направи, затоа што Пелоси тактизираше и не прецизираше кога ќе ги испрати документите за импичмент во сенатот, критикувајќи го лидерот на мнозинството, Мич Мекконел, кој најави дека ќе се координира со правниот тим од Белата куќа, со што ја нарушил својата улога на независен поротник.
За да биде сменет од функцијата Трамп, треба да биде осуден од двотретинско мнозинство од сенаторите, што значи дека најмалку 9 републиканци треба да гласаат за таа одлука. Би било вистинско чудо ако барем еден републиканец гласа против Трамп, посочуваат сите анализи.
Никола Илиевски