Tрамп со гневно писмо до Ненси Пелоси

Пред денешното гласање за отповикување, американскиот претседател Доналд Трамп остро ги предупреди демократите во Конгресот, дека ако го продолжат процесот ќе и објават војна на американската демократија. Во писмото од шест страници, до претседателката на претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси, обидот за имипичмент го карактеризира како нелегален, едностран државен удар. Трамп не верува дека писмото ќе промени нешто, но сака да ги даде своите забелешки „заради историјата“.

Кога луѓето ќе погледнат назад на овој случај, сакам тие да разберат и да научат од тоа, така што никогаш повеќе да не се случува на друг претседател,

напиша Трамп во писмото.

Тој ги обвини демократите за „извртување на правдата и злоупотреба на службената должност“ за обидот да го разрешат. Денешната седница рече дека нема да ја следи, а за самиот процес не чувствува никаква одговорност.

Не, не преземам. Нула, да кажам поблаго. Го злоупотребуваат совршениот телефонски разговор што го имав со претседателот на Украина, совршен телефонски разговор. Сите знаете, ништо погрешно немаше во тој повик. Да отповикувате претседател на САД за тоа е срам и потсмев за нашата земја. Ќе ви кажам нешто, другите претседатели во иднина, ако не сторат нешто, тие ќе мора да живеат со ова,

рече претседателот.

Претставничкиот дом на Американскиот конгрес гласа за секој член од документот за постапката за отповикување. За усвојување на документот е потребно мнозинство од гласовите во Претставничкиот дом и доколку која било точка од документот се усвои, претседателот ќе биде отповикан. Постпаката потоа се сели во Сенатот, кој за овој случај се претвора во порота од сто члена. Претставничкиот дом поставува менаџери кои имаат улога на обвинители и ќе ги објаснуваат причините поради кои претседателот треба да е отповикан. Ако Трамп заврши на суд, со постапката заседава Врховниот суд од претседавачкиот дом. За да биде обвинет, потребно е двотретинско мнозинство во сенатот. Ако тоа навистина се случи, претседателот по автоматизам ја губи функцијата.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ