По изборниот триумф на Џонсон, Шкотска бара независност

По изборниот триумф, британскиот премиер Борис Џонсон не губеше време да ги покаже политичките мускули. Во синоќешниот разговор со шкотската премиерка, категорично го отфрлил нејзиното барање Шкотска да се одвои од Обединетото Кралство. Јасно и ставил до знаење дека е против втор референдум за независност.  Мора да се почитува резултатот од претходното изјаснување на граѓаните во 2014 година, рекол Џонсон, на што Стурџон му вратила дека тој нема мандат во Шкотска, туку таа.

Борис Џонсон нема право да одлучува за Шкотска, и му порача дека шкотските гласачи и дадоа силен мандат за втор референдум. Најави дека нејзината администрација следната недела ќе ги отвори правните процедури за распишување референдум за независност. Истото го повтори и денеска пред сопратијците.

  • Тој не може да ја замајува нацијата да го прифати неговиот поглед на светот, кога е јасно дека ние не го сакаме тој поглед на светот. Не може да биде појасно од резултатите на овие избори – дека Шкотска не ја сака владата на Борис Џонсон, не сака да ја напушти ЕУ и сака да одлучи за својата иднина, каква и да е, порача шкотската премиерка.

Шкотска Национална Партија го постигна речиси истиот успех како и Џонсоновите Ториевци, освојувајќи 48 од 59 места во шкотскиот парламент. Прмиерката е убедена дека  Џонсон нема храброст да се соочи со народот од северниот дел на земјата, бидејќи тие едноставно не го сакаат.

Но, Џонсон е упорен да го спроведе Брегзит. Тој попладнево им се заблагодари на гласачите од стариот град Сеџфилд, во северо-источниот дел од земјата, за нивната поддршка на изборите во четвртокот. Сеџфилд, по традиција е место на лабуристите. Но, овојпат за првпат од 1935-та гласаа за Конзервативците, најмногу поради актуелниот лидер на Лабуристите, Џереми Корбин кој го сметаат за токсичен.

  • И знам дека луѓето можеби ги прекршија гласачките навики со генерации и гласаа за нас. И сакам луѓето од североистокот да знаат дека конзервативното тело и јас ќе се оддолжиме за нивната доверба. А што прво ќе направиме за да се оддолжиме? Ќе го спроведеме Брегзит нели?, рече Џонсон.

Тешка ќе биде борбата на шкотската премиерка да издејствува втор референдум за независност на нејзината земја. Законски е невозможно, бидејќи како правно стојат работите, британската влада треба да даде дозвола за референдум. Но, она што ќе биде аргумент во битката на Стурџон е фактот што Шкотска во 2016-та гласаше да остане во ЕУ.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ