
Убиен словачки истражувачки новинар и неговата девојка
Европа станува небезбедна за новинарите. Крвен деликт врз медиумските слободи ја потресе Словачка, каде е пронајден убиен младиот истражувачки новинар Јан Куцијак заедно со неговата девојка Мартина Кушнирова.
Двајцата се убиени меѓу четвртокот и саботата во Велики Мац, 65 километри од Братислава, а полицијата ги пронашла телата кога отишла во куќата на новинарот по пријава на членови на семејството.
Според првичните изјави на високиот полициски функционер Тибор Гашпар, се наведува дека двојното убиство е поврзано со работата на младиот новинар и неговите истражувања околу даночните измами во земјата.
„На место на злосторството, две тела беа пронајдени во куќата. И двете биле убиени, најверојатно со пиштол. Полицијата започна истрага и го информираше локалниот директорат во градот Трнава. Доктор беше испратен на локацијата, и според првичните информации се сомневаме дека станува збор за убиство“, кажа полицискиот функционер, Тибор Гашпар.
Во своите последни написи, Куцијак пишувал за наводните даночни измами поврзани со луксузен станбен комплекс во Братислава. За истите наводи, минатата година илјадници граѓани излегоа на протести барајќи оставка од министерот за внатрешни работи Роберт Калинак, втор човек во владејачката Смер партија на премиерот Роберт Фицо, заради неговите бизнис врски со инвеститорот Ладислав Баштернак.
Баштернак, веќе бил под истрага на полицијата околу даночни измани, додека за министерот Калинак се наведува дека поседувал 17 проценти од компаниите на инвеститорот.
Новинарот минатиот октомври пријавил до јавниот обвинител и закани од локален бизнисмен вмешан во недвижностите, Мариан Коцнер, но како што се пожалил на Фејсбук, никој заканите не ги сфатил сериозно.
„Не може да бидеме земја каде се убиваат новинари. Секое убиство го сметам за огромна трагедија, како човечка, така и општествена. Во овој момент, можам лично да кажам дека не знам ништо околу околностите на убиството и чекам на детали од шефот на полицијата“, кажа Луција Зитнанска – Министер за правда.
Итна реакцијата на словачката влада. Премиерот Фицо ги повикал на итна седница, министрите за внатрешни и правда, јавниот обвинител, како и шефовите на полицијата и тајните служби.
„Мора брзо да делуваме со цел да ги казниме одговорните и да го гарантираме владеењето на правото во кое сите новинари ќе работат во услови на апсолутна безбедност“, истакна словачкиот претседател Андреј Киска.
Словачка важи за солидна демократија, каде по „плишаната револуција“ и разводот од Прага, со што се стави крај на Чехословачка, се претвори во една една од најнапредните и најкомпетитивни европски економии. Членка на ЕУ, на НАТО и на Вишеградската група, Братислава се разликува од поголемите источни членки како Полска и Унгарија, што никогаш не добила критики од ЕУ или од невладините за кршење на основните вредности на европските договори или правната државата.
Но, убиството на младиот истражувачки новинар е веќе проблем и за ЕУ. Ова е втор ваков случај во речиси половина година. Во октомври месец, во експлозија на својот автомобил беше убиена малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, која истражуваше за корупцијата и перењето пари меѓу малтешките политичари.
Убиствата на новинари го отвараат горкото прашање околу безбедноста на новинарите во ЕУ, но и прашањето за растечката моќ на криминалните структури во Европа, за кои новинарите истражуваат и известуваат.
Ивор Мицковски